МАНАСТИРИТЕ ВО СКОПСКАТА ОБЛАСТ КАКО ДУХОВНИ И КУЛТУРНИ ЦЕНТРИ ВО СРЕДНИОТ ВЕК

Најголемиот дел од манастирите во Македонија се градени во различни периоди, најчесто од XI до XIV век.

 Нивната историја била и се уште е предмет на поширок научен интерес. Имајќи во предвид дека под поимот манастир (грч, μοναστήριον, μονή) подразбираме монашка населба, комплекс на градби која е устроен во склад со строго определен начин на живот и монашки потреби истите можат да бидат предмет на различни аспекти на научен интерес. Од теолошка гледна точка манастирите се места во кои монасите се посветувале и се уште се посветуваат на молитва и подвиг во потрага за сопственото спасение и спасението на оние за кои се молат. Од друга страна, пак, манастирот претставува и светилиште, чие симболично средиште е главниот храм — католикон. Тој најчесто бива фрескоживописан и оттука е предмет на интерес за историчарите на уметност. Сепак, освен вредниот живопис манастирите во своите древни ризници располагаат со значајни записи за духовниот живот на монашките заедници кои живееле во нив. Тие биле места каде се одвивал значаен дел од културно
 — просветниот живот во средниот век, но и во подоцнежните периоди. Средновековните манастири најчесто биле градени на постари култни места, речиси без исклучок со одобрение и со помош од локалните властелини и секако владетелот. Оттука тие сведочат за еден мошне значаен сегмент од историско — културните процеси карактеристични за средниот век на нашите простори, кои, пак, пошироко погледнато се дел од т.н. византиски комонвелт. * * * Токму манастирите во скопската област како духовни и културни центри се главниот предмет на истражување. Станува збор за Скопската област, регион во кој уште во I – II век се посведочени првите знаци на ширење на христијанството. Подоцна, со текот на времето, Скупи ќе стане епископско седиште чии епископи уживале углед сред Вселенската црква. Веќе во средниот век, во градот Скопје и околината изворите сведочат за постоење на манастирски заедници и христијански храмови. Од периодот од XII – XIV век посведочено е постоењето на неколку манастири. Изворите сведочат дека во нив се одвивал богат културен и духовен живот. И тоа во манастирот Св.Георги-Горгос (Виргино Брдо), манастирот Св.Јован Златоуст (с. Козарево) и црквите Св.Архангел Михаил и Св.Богородица (Скопје). Притоа освен изворен материјал, при истражувањето ги ползував резултатите од досегашните научни истражувања на теми поврзани со овој предмет на истражување. Имено, манастирите во Скопската област биле предмет на подробни анализи во одредени монографии и бројни статии, во кои се разгледани повеќе проблеми и расветлени различни аспекти од нивниот историјат. Но, сепак, до сега, не е направено научно истражување кое е со ваков тематски програм, прикажан во една целина. Целта на ова истражување е темелна обработка и анализа на повеќето аспекти од културниот и духовен живот во манастирите во скопскиот регион во средниот век. Воедно, ваквиот пристап, меѓу другото, би ги утврдил и почетоците на манастирскиот живот во Скопската област. 
                                                                                      *
                                                                                   *    *
Почнувајќи уште од I – II се бележат првите почетоци на организиран христијански живот во Скупи. Подоцна со издавањето на Миланскиот едикт од 313 г. од страна на императорот Константин Велики и признавањето на христијанството како рамноправна религија, почнала нова етапа од развојот на христијанството. Во IV век, во провинцијата Дарданија, во чии рамки влегувал и градот Скупи, најдобро организираната христијанска заедница се наоѓала токму во нејзиното главно управно седиште – градот Скупи, како епископско и митрополиско седиште. Традицијата на активен црковен живот во Скопје и регионот продолжила по по
вторното христијанизирање на територијата на Македонија, кога таа влегла во византиската културна сфера (864 година). Во X век, Скопската епархија веќе била во рамките на Охридската патријаршија. По 1018 год. следувале извесни промени во Охридската архиепископија. Но важно е дека христијанскиот живот во Македонија, вклучувајќи го и градот Скопје и околината во времето на византиската власт по 1018 год. продолжил. Во времето на Комненската династија градот Скопје достигнал највисок подем во христијанската уметност. Тогаш биле изградени повеќе импозантни манастирски цркви: Св.Пантелејмон, потоа манастирот Св.Архистратиг Михаил, Св.Богородица Троеручица, а обновен е и манастирот Св.Георги Горг. Потоа следувал периодот кога Скопје повеќе пати преминувал од една во друга политичка власт. Почнувајќи од крајот на XIII век Скопје и околината влегле во составот на средновековната српска држава. Меѓу манастирите и црквите што ги обновил кралот Милутин се споменува црквата посветена на Св.Константин во скопското Кале, епископската резиденција Св.Богородица Троеручица, манастирот Св.Георги-Горг во Скопје, Св.Никола во с.Кожле, Св.Никита с.Бањани, Св.Богородица во с.Сушица и др. Подоцна Скопје влегува во составот на државата на кралот Волкашин и Марко. Се до загинувањето на Ровин во 1395 год. кралот Марко заедно со своите браќа Андреа.
Крај на првиот дел.
Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.
 
Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.