ВТОРА ШАНСА

Фото: Наке Батев

„Со дрогата се сретнав во средно училиште. Станав зависник од хероин на 17 години. На 24 години бев осуден на две години затвор за поседување дрога. Оттогаш се се распаѓа во мојот живот“, сведочи Мац кој е фризер, роден 1982 година.
Мац е отфрлен од родителите и од најблиските. Не добил никаква подршка за надминување на проблемот. Оставен е во руинирана куќа во градска населба, да се снаоѓа сам.
Но Мац е градско дете. Мац има занает. Тој е локалниот бербер на комшиите и пријателите кои не го заборавиле. Останати се малкумина кои не се плашат да се потшишаат кај Мац. Во затемнетата соба во аголот има огледало, столче и неколку пара стари ножици со кои Мац секојдневно чека да помине некој од храбрите комшии.
-Двајца да имам на ден е супер. Ќе имам да го поминам денот. Додека учев фризерско одев и во Белград на семинари за фризури. Ама сега не се исплати. Немаат пари луѓево, па за шишање да им земаш. Јас немам цена, кој колку мисли нека даде. Така им викам, вели Мац.

Татко му има дуќан, ама и претходно, пред да се скараат не му давал да оди таму бидејќи „му ги бркал муштериите“. Сега работи дома.
-Има неколку фамилии редовно доаѓаат, и тоа и жени и деца. Aма главно се помлади. Тие поинаку размислуваат, ја завршува Мац својата приказна.
Секој од нас во животот погрешил, но тоа не значи дека нема позитивни особини и дека не може да биде корисен член, за нас самите, за нашето семејство и целата општествена заедница. Kористењето на дрога не е само проблем на оној кој ја консумира, туку истовремено е проблем и на семејството, училиштето и пошироката општествена средина.
-Членовите на неизбежната лична социјална средина (семејството) наместо да се срамат од родениот син во конкретниот случај, да се соочат со реалноста и вистината дека навистина тој и сите тие заедно во потесното семејството имаат заеднички проблем. Проблем кој не се решава преку ноќ, туку со еден поопсежен и долготраен третман на ресоцијализација во кој проблем, свое учество и придонес ќе дадат родителите, најблиските членови од семејството, наставниците, претпоставените на работното место како и сите оние кои уживаат рационален авторитет кај поединецот што се вовлекол во наркоманијата како болест на зависност, вели професор д-р Зорна Киткањ од Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Секој од нас има потреба од љубов, грижа, афирмација, потреба да му се задоволи чувството на припадност и еднаквост, потреба за афирмација меѓу врсниците и во средината каде што живее.
-Токму поради наведеното потребно е да му подадеме рака и на лицето кое консумира дрога, да го увериме дека сме покрај него, да му дадеме надеж дека може да смета на нас и во најтешките мигови од неговиот живот. На овие лица потребно е да им праќаме позитивни пораки со кои ќе им ја подигнеме самодовербата и самопочитта, смета професорот кој посочува пример како треба да се делува: „Ти можеш; ти не си помалку вреден од другите; мислам дека можеш да ја победиш болеста-дрогата; ќе видиш дека ќе успееш; минатиот пат ти тоа многу добро го напрви; дали ќе сакаш да ми помогнеш побрзо да ја завршам работата; пробај ова да го направиш мислам дека ќе ти се допадне; им даваме обврски за да ја развијат одговорноста; итн“.
Професорот Киткањ дава препораки што треба да се направи:
• Да се потрудиме сите заедно (родители, професори, пријатели, претпоставени) колку што може порано да го убедиме лицето кое консумира дрога дека има сериозен здравствен проблем и да го упатиме во институциите кои ја третираат оваа болест заради утврдување на неговите, примарни, посебни и приоритетни потреби.
• Да се откријат неговите позитивните особини, да се утврдат неговите потенцијали за е дукација, професионално и работно оспособување.
• Да се формираат клубови за психосоцијална подршка на наркомани каде лицата уживатели на дрога ќе зборуваат за своите здравствени и социјални проблеми, за своите негативни животни искуства но уште повеќе за начините со кои се справувале со проблемите од здравствена и социјална природа во најтешките мигови во животот.
• Работодавците да се стимулираат/субвенционираат за професионална доквалификација, превалификација, работно оспособување и ангажирање на оваа маргинализирана група на граѓани.
-Никогаш да не заборавиме дека наместо ограничување, осудување, забранување, казнување, отфрлање и изолацијата потребно е да поттикнуваме, стимулираме и наградуваме. Со последните ќе продуцираме манифестирање на прифатливи форми на однесување, заклучува професор д-р Зоран Киткањ.

Текстот и фотографиите се дел од проектот „Маргинални групи – од проблем до придобивка“ на невладината организација Контраста, а поддржан од Цивика Мобилитас. Мислењата кои овде се изразени не нужно ги одразуваат ставовите на Цивика Мобилитас или пак на спроведувачките организации. 

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.