Мариово-таго наша!

,,По пат одам

За пат прашам,

Кој пат води за Мариово,

За Мариово село дуње’’! …

(Народна песна)

Мариово е регион среде Македонија, но со Букурешкиот договор, денес е само пограничен предел на југот на Република Македонија. Мариово е необично по многу нешта. Тоа е висорамнинска котлина, најверојатно од езерско потекло, за што сведочи фосил од риба пронајден во дијатомејска земја во близина на Селото Манастирец, што денес се чува во прилепскиот музеј. Мариово е необично по својата дива убавина, по својата изолираност од светот, по своите огромни природни богатства на метални и неметални руди: железо, никел, хромит, јаглен, каолин, доломит, кварц и многу други минерали. Според хидрографијата Мариово, речиси, реката Црна го дели на два дела низ кои поминуваат и во Црна се влеваат притоките : трнавска, градешка, сатока и др. на кои можат да се изградат хидроцентрали – мали или големи.

Шумските богатсва на Мариово не се многу, но присутни се буката, црн и бел бор и др. По своето богатство во Мариово некогаш било присутно бројно сточарство, пчеларство, земјоделието и уште многу други богатства. За тоа му помогнала и карактеристичната микро клима по течението по реката Црна, од нејзиното устие па нагоре се до селото Манастир и Мелница, што се нарекува ,, Медитерански термички режим’’, а потоа, од 600 – 850м надморска височина климата е слична со пелагониската. Овој наш регион, исто така е необичен со своите интересни народни обичаи, фолклор, пришто доага до израз раскошниот вез на женската носија кој одамна ги краси витрините на ,, музејот на човекот’’  во Париз и ,, титовиот’’ во Белград. Мариовци со векови биле врзани за својот роден кат, непознавајки ја традицијата на печалбарството! Природната слика на Мариово е необична. Тоа претставува еден ,, Природен казан’’ заграден од високи околни планини: Козјак на исток, Ниџе на југ, Селечка планина на запад и Дрен на север. Во тој ,, Казан’’ се влегува од три страни – од битолско, прилепско и кавадаречко, па и така се излегува! Должината на котлината изнесува 50 километри, почнувајки од селото Скочивир – битолско, па се до селото Гудјаково – кавадаречко. Таа ,, дива убавина ‘’ ја пресекува реката црна и така едната половина се нарекува ,, Големо Мариово’’ (Старо Мариово) и тоа се наоѓа мегу Црна и границата на РМ со Грција. ,, Мало Мариово’’, (Ново Мариово) се простира од реката Црна се до Селечката и Дрен планина. Зафатнината на реонот изнеусва 1390 квадратни километри со височинска разлика до 1000 метри… на тој простор некогаш имало повеќе од 40 села, но за жал, ниедна гратска населба која би ги обединувала селата како ,, пчелна матица’’! Денес селата не само што по број се намалени, туку и во тие што се останати нема ,,народ’’! Името на регионот не е проучео од каде доаѓа ; Во римско време се нарекувал Марина, во Византиско Мерихова и денес, Мариово. За развитокот на овој, речиси, несреќен крај од нашата република има многу научни собири и написи. Еден од нив е собирот во Прилеп и с. Витолиште одржан во Октомври 1986 година. Во некој од рефератите, на пр, е изнесено дека, некогаш, само во селото Полчиште со 950 жители, имало 12000 кози, 8000 овци, 2500 крупен добиток, а во таа, 1986 година во петте села од кавадаречкото Мариово имало, заедно, одвај 2700 овци, 450 крупен добито, живина 500 броја, свињи 150, коњи 50, и пчели 500-тини семејства! Козите, како што се гледа, ги нема!

Продолжува …

Заштитени авторски права © муабет.мк. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.