Ширењето и етаблирањето на христијанството во доцноантичко Скупи и неговата околина

Ширењето на христијанството во Македонија започнало со мисионерско патување на апостолот Павле . Кон средината на I век тој престојувал неколку пати во Македонија, каде што го проповедал христијанството меѓу локалното население. Првата посета на Македонија апостолот Павле ја остварил за време на неговото Второ мисионерско патување. Тоа започнало во 51 година, а завршило во 54 година. За време на наведеното мисионерско патување во Македонија апостолот Павле најпрво проповедал во градот Филипи, потоа отишол во Солун, а оттаму во Бер. Имено, како што соопштува новозаветната традиција, откако се одделил од неговиот соработник Варнава, со новите соработници, апостолот Павле преку Мала Азија дошол во Европа, каде ги основал првите христијански заедници во Македонија: во Филипи, во Солун и во Бер.
Она што е посведочено во новозаветната традиција е податокот дека упатувајќи се во внатрешноста на Мала Азија, по патот посетувајќи ги христијанските општини основани за време на неговото прво патување, Апостолот пристигнал во градот Александрија во Троада во Мала Азија. Токму тука, се локализира позната новозаветна епизода со „видението во сонот“ кога Апостолот бил „повикан“ да ја посети Македонија. Авторот на Делата на светите апостоли запишал: „Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: Премини во Македонија и помогни ни!“ Затоа, тој, веднаш по видението, решил да премине на другиот континент и презел сè за да стигне во Македонија.

Она што го сведочат изворите е дека во Македонија, благодарение на мисионерската проповед на апостолот Павле прва која го прифатила христијанството и се покрстила била Лидија, која живеела во градот Филипи, а посакала и своите блиски да ги приведе кон Христа. Како што запишал евангелистот Лука: „се покрсти таа и нејзините домашни“ .
Освен Лидија, силни по вера и добри христијанки од Филипи, во Библијата се спомнуваат Еводија и Синтихија. Но, се истакнуваат и мажите: Епафродит и Климент . Откако стекнал доста приврзаници, кои што го прифатиле христијанството, апостолот Павле во Филипи, во Солун и во Бер (денешна Верија) основал христијански општини. Тоа биле првите христијански заедници во Македонија, а исто така и во Европа.
Она што се претпоставува е дека можеби црковните општини уште во почетокот од нивното формирање имале: ѓакони; презвитери и епископи. Се претпоставува дека во раководењето со првата христијанска општина во Филипи, апостолот Павле го оставил светиот евангелист Лука.
Она што исто така е во доменот на претпоставките е дека Црквата во Филипи на апостол Павле особено му била „при срце“: посебно ја сакал, бидејќи била прва рожба на европскиот континент. Тој вели дека му била негова радост и венец. Во Посланието ќе запише: Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа.
Од Филипи апостолот Павле, пролетта во 50-та година, тргнал кон запад, по патот Via Egnatia – најважната сообраќајница во римската држава која минувала низ македонска територија. По шест дена пешачење, пристигнал во Солун. Тука неговата проповед ја прифатиле малкумина од Евреите, но многу повеќе од локалното македонско паганско население од Солун. Во куќата на Јасон, во неговата ткајачница, во приватни домови и кај видни наезнабошци и Евреи, апостолот Павле, Сила и Тимотеј почнале да го проповедаат Евангелието Божјо. Меѓутоа, против ваквата мисионерска активност се побуниле локалните Евреи од Солун, припишувајќи им политички намери и клевети: „против заповедите на ќесарот, изјавуваат оти има друг цар-Исус. Плашејќи се за својот живот Апостолот Павле и неговите соработници побегнале и го напуштиле градот Солун.

Имено, апостолиите Павле, Сила и Тимотеј го напуштиле Солун и стигнале во Бер. Тука апостолот Павле добил добар сотрудник, а тоа е Сосипатр Пиров Беранец. И тука Апостолот со успех го проповедал христијанството сред локалното македонско население.
Она што е особено важно за историјата на првите почетоци на христијанството во Македонија се посланијата на апостолот Павле испратени до христијанските општини во Филипи и во Солун. Имено, апостолот Павле испратил едно послание до Филипијаните, и две до Солуњаните. Во нив тој ги охрабрува своите приврзаници да опстојат во одбраната на христијанството, порачувајќи им да ја чуваат верата, надежта и љубовта како највозвишени добротели.Павле им го нуди својот пат кон спокоен и целосен христијански живот: „Браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, за она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете! И она што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа вршете го-и Бог на мирот ќе биде со вас.“
Врз основа на сведоштвата за формираните цркви во Филипи, Солун и Бер, со голема веројатност може да претпоставиме дека Македонија почнала да се христијанизира уште во апостолскиот период. Врз тие апостолски темели подоцна ќе се оформат и другите ранохристијански општини во Македонија: Стоби, Хераклеја, Линкестис, Скупи и др.
До сосема нова епата во развојот на христинаството дошло по издавањето на Миланскиот едикт во 313 г. со кој христијанството станало рамноправна религија во Римската Империја. Таков бил случајот и со Македонија каде христијанството почнало да зема дополнителен силен замав. Благодарение на политика на Константин Велики за прв пат христијаните почнале легално и непречено да ја проповедаат својата религија и да градат храмови за богослужба.
Во годините по издавањето на Миланскиот едикт се актуелизирале теолошко – догматските прашања во Црквата. Конкретно станува збор за аријанското учење кое почнало да добива се поголем број приврзаници во Црквата. Сето тоа предизвикало отворена поделба во црковните редови. Оттука, се јавила потребата од одржување на еден општ црковен собор на кој епископатот би расправал за актуелните црковни прашања од догматски и организационен карактер. Па така, во 325 година во свечената сала во царскиот двор во Никеја се одржал Првиот Вселенски црковен собор. Тој бил свикан на иницијатива на императорот Константин I Велики (321-343). На овој Собор се расправало и е осудена аријанската ерес, а Ариј и соработниците биле протерани и отстранети од црковниот живот.

Она што е важно за проследувањето на развојот и етаблирањето на христијанството во доцноантичко Скупи и неговата околина во 4. век е податокот декаскупскиот митрополит учествувал на Првиот вселенски собор.Имено, меѓу потпишаните отци кои учествувале на Соборот се среќава и името на дарданскиот митрополит Дак(ус).
Вториот од пишаните извори познат скупски епископ Парегориј Дардански од Скупи го среќаваме во актите на помесниот црковен собор во Сердика ( ден. Софија) свикан од наследниците на царот Константин I Велики, неговите синови Констанциј II (337-361)и Констанс одржан во 343 година. Целта на соборот била да го врати мирот во Црквата по очигледниот раскол предизвикан од учењето наалександрискиот презвитер Ариј (256-336). Имено, Ариј од 318/319 год. проповеда дуалистичко толкување на основните догми на христијанската вера – учел дека Отецот и Синот се различни меѓу себе, ја негирал божествената природа на Христос и постоење на Светото Тројство (Палестина, Феникија и Сирија го прифатиле ова учење).
На Соборот во Сердика присуствувале околу 318 свети отци, поголемиот дел од нив биле од западната половина на вселенската црква. Западните епископи приврзаници на Никејскиот симбол, на Соборот биле предводени од кордобскиот епископ Осиј. Источните епископи, пак, биле предводени од Стефан, епископ од Антиохија. Овој собор го утврдил учењето за Св.Троица, бил потврден Никејскиот символ на верата, а биле издадени и 20 правила (канони) за црковната дисциплина. Девет епископи од Македонија учествувале во Соборот чии имиња и епископии се сочувани се имињата во писмата на Атанасиј Велики. Тоа биле епископите: Аециј од Тесалоника, Антигон од Пела, Евaгриј од Хераклеја Линкестис, Зосим од Лихнидос, Басус од Диоклецијанопол, Порфириј од Филипи, Јонас од Партикопол, Паладиј од Дион и Геронциј од Бероја; присуствувал и Парегориј од Скупи, главниот град на провинцијата Дарданија .
Веќе на Вториот Вселенски собор одржан во Цариград во 381 година конечно бил дефиниран Симболот на верата. Имено, Соборот бил свикан од императорот Теодосиј I и се одржал во Константинопол. Причината за неговото свикување било прашањето за теолошкото учење т.н. македонијанство. На Соборот од Македонија присуствувал епископот Ахолиј од Тесалоника.
На соборот императорот Теодосиј I целосно застанал зад интересите на правоверната христијанска црква. Имено, по завршувањето на Соборот тој издал повеќе законски одредби насочени против аријанството и др. Еретици, како и против паганската религија. Од тоа време се познати епископските седишта во Солун, Стоби, Скупи, и Хераклеа Линкестис.

Што се однесува конкретно до градот Скупи и неговата околина, урбаното живеење во градот своите почетоци ги бележи уште во римскиот период. Имено, градот се развил од легионарски логор (V Македонска и IV Скитска), кои имале задача да ја штитат Дунавската граница, во 13-11 год. п.н.е., во време на владеењето на Октавијан Август. Подоцна градот станал престолнина на провинцијата Дарданија, сe до неговото разурнување во катастрофалниот земјотрес во 518 год. Некои индиции упатуваат дека новото христијанско учење меѓу граѓаните на Скупи најбрзо можело да се рашири преку трговците кои доаѓале од Солун и блискиот град Стоби, како и од Сердика. Археолошките наоди сведочат присуство на христијанска заедници во градот во периодот од 2 – 4. век. Станува збор за позната претстава на „зајак во зелје“ која можеби упатува на присуство на христијани во градот.
Во VI век како резултат на политичките прилики во Империјата дошло до сосеми нови прилики во црковната организација на Балканот. Имено, тоа е време кога императорот Јустинијан I (527-565) ја основал Архиепископијата Јустинијана Прима. Под нејзина јурисдикција влегле провинциите: Средоземна Дакија, Крајбрежба Дакија, Прва Мезија, Дарданија, Превалитана, Втора Македонија и дел од Панонија. Истите овие области, речиси во целост, подоцна, ќе влезат во состав на Охридската архиепископија.
Формирањето на Јустинијана Прима званично е забележано во Јустинијановиот правен документ Новела XIод 14.04.535 година. Тука се нагласува дека градот е на местото на некогашната “митрополија”, која е унапредена во архиепископија. Самостојниот статус на Архиепископијата требало да послужи како еден вид баланс меѓу Римската црква, од една страна и Константинополската патријаршија, од друга страна. Формирањето на оваа Архиепископија предизвикало вознемиреност и несогласување кај папата. Тоа значи дека неговата диецеза, Тесалоникискиот викаријат, се преполовила: едната со центар во Тесалоника, а другата во рамките на новата самостојна Архиепископоија. Императорот на Архиепископијата Јустинијана Прима и дал посебен статус со кој се неутрализира влијанието на двата црковни центра Рим и Константинопол. Со законски акти тој ја потврдил автокефалноста на оваа Црква, игнорирајќи го Тесалоникискиот викаријат, а ја приклучува во бројот на самостојните цркви во Византија: Римската, Цариградската, Александриската, Антиохијската, Ерусалимската и Кипарската црква. Воедно прецизно биле пропишани правата на архиепископот и неговиот однос кон епископите под негова јурисдикција – право слободно да ги ракоположува епископиите и свештениците како и наполно самостојно да решава за црковните спорови во рамките на Архиепископијата. Како прв епископ на чело на архиепископијата останува епископот Кателијан цели десет години. Со Новелата CXXXI од 18.03.545 година, во нејзиното III поглавје (ги има вкупно XV поглавја) се одредува карактерот и статусот на архиепископијата. Со новата новела Архиепископијата од самостојна и независна црква станува автономна црква во состав на Римската црква. Тоа практично значело дека римскиот папата Вигилиј бил како врховен црковен поглавар во областите под јурисдикција на Архиепископијата Јустинијана Прима (над целиот Илирик), кој својата власт ја вршел преку својот потчинет архиепископ на Јустинијана Прима. Во овој конктекст ги наведувале и имињата на на архиепископите на Јустинијана Прима: Кателијан, Бененат и Јован I. Она што е важно да се напомене е фактот дека уште тогашните историографи Архиепископијата Јустинијана Прима ја третирале, повеќе или помалку, како наследник на Скупската митрополија.
За последен пат Архиепископијата во првостепените извори се спомнува во 602 година. Станува збор за писмо кое папата Грегориј Велики (590-604) го испратил до ѓаконот Анатолиј 601 година во кое е забележано стравување од уништување на Јустинијана Прима и замирање на епископската власт во тој дел од Балканот.

Продолжува

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.