СЕ ПЛАШИТЕ ЛИ ОД ВИСТИНАТА? ПРОВЕРЕТЕ ВО НАЈНОВОТО ПАРЧЕ МИСТЕРИЈА ОД МЛАДИОТ НАДЕЖЕН ВЕЛЕШАНЕЦ

Александар Николовски (1993), како дипломец на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) во Скопје, и покрај својата пасија за технологија и математика, во своите топ три  видови љубов уште откако знае за себе, ја сместува и книгата. Екипата на порталот muabet.mk поразговара со овој млад автор во врска со неговото најново остварување ,,СТРАВ ОД ВИСТИНАТА”.

      Александар ова е веќе твој трет официјален роман. Кажи ни нешто повеќе за него?

      -Да, така е. Се работи за приказна т.н. новела која што нема да ја испуштите од раце, буквално. Главната хероина Маја, студентка на Ликовната Академија, тргнува во потрага по вистината со цел да открие која е причината за рамнодушноста на нејзиниот татко кон неа. Паралелно и љубовта влегува во нејзиниот живот, но веќе погодувате дека таа и не е баш подготвена за тоа. Во текот на дејството се случуваат многу настани, пресврти и неочекувани ситуации кои ќе ве заковаат за книгата. Интересно овде е што иако Маја се плаши од се она што може да го открие, сепак оди до самиот крај кој потпишувам дека никој никогаш нема да го погоди, а верувам дека сите добро ќе ги п(р)отресе.

      Значи читателите да очекуваат неочекуван крај?

      -Апсолутно! Мислам дека и токму ваквите краеви се далеку пооригинални и комплетно ја разбиваат монотонијата на ,,Си живееле среќно до крајот на животот”.

      Што те инспирира за да ја напишеш приказната и колку време ти требаше?

       -Моите дела (и поезијата и прозата) гледам што повеќе да допрат пред се до читателот како единка. Инспирација ми се едноставно секојдневието и љубовта, а ликовите кои ги разработувам се обидувам подеднакво да ги прикажам со доза на реалност во поглед на нивните постапки, предности и маани, исто како што и се луѓето во самиот живот. Секако дека имаше простор за уште многу заплети, но со оглед на тоа дека дејството се случува во Македонија, морав малку да се ограничам за да биде изводливо. Инаку романот го напишав за само две недели иако претходно два месеци ја склопував самата приказна.  

   Каков жанр е романот?

        -Како и сите мои досегашни романи, и овде најмногу преовладува мистеријата. Секако освен неа, се испреплетуваат нијанси на драма, романса и малку трилер елементи.

      Какви се критиките од читателите?

      -Најмалку сакам да звучам фалбаџиски, но критиките и реакциите се и повеќе од одлични. Дури и јас самиот сум просто изненаден од побарувачката и интересот за книгата. За мене најголемиот комплимент и стимул за понатаму е кога по читањето ќе ме прашаат ,,Кога ќе има следна книга?”. Мислам дека тоа кажува доволно.

      Какви книги сакаш најмногу да читаш?

       -Јас лично најмногу сакам да читам книги кои што ќе ме држат на ивицата на возбудата од првата до последната страница т.е. во главно трилери и мистерии, реални, значи не научна фантастика, но секако не останувам рамнодушен и на добра драма или романса.

      Кога можеме да очекуваме твоја следна книга?

      -Се разбира во новата 2018 година 🙂

        Александар покрај на ова дело, исто така е автор на романите ,,МРАЧНИ ТАЈНИ” и ,,АС ВО РАКАВОТ”, кој воедно е и награден на конкурс за млади и неафирмирани автори под покровителство на УНЕСКО, како и на збирката поезија ,,ПОЛЕ СО КАМИЛИЦА”.

Доколку сакате да ја набавите било која книга од Александар кликнете тука

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.