И ЈАС ИМАМ СОН

Фото: Огнен Теофиловски

„Во близина на хотелот Александар Палас спроти ултра луксузна куќа до поранешната дива депонија во мала картонска кутија поделна на соба и мало претсобје живее шестчлено семејство. Ферди кој има 34 години и Фатмира која има 30 години и нивните четири деца. Ферди е скопјанец, македнски ром кој ги има сите потребни документи, додека мајката Фериде е родена во Скопје, а преселена со семејството во тогаш Генерал Јанковиќ, село во округот на Урошевац, во јужниот дел на Косово, сега Хани и Елезит. При преселбата за време на конфликтот на просторите на поранешна СФРЈ во деведесеттите и се губат сите документи, како и нејзиниот идентитет. Од тогаш таа е лице без правен идентитет. Сето нејзино наследство во однос на имање на правен идентитет на било која држава се изгубило“, раскажува фотографот Огнен Теофиловски кој работи на серија на фотографии на тема лица без идентитет или познати како „луѓе духови“. Фотографиите се дел од проектот „Маргинални групи – од проблем до придобивка“ што го спроведува невладината Контраста, а е поддржан од Цивика Мобилитас.

Фериде вели дека е од Македонија, дека е родена во Македонија, но со семејството се преселила да живее во Хани и Елезит, а потоа се вратила во Македонија каде основала семјство со Ферди. Целото нејзино „наследство“ на немање правен идентитет се пренесува на нивните четири деца кои се родени во болница во Македонија. Иако таткото е државјанин на Македонија, децата го наследуваат проблемот од мајката зошто за пријавување и добивање единствен матичен број е потребно документи од двајцата родители.

Оттука децата немаат право на здравствена заштита, ниту на образование. Основното училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари дозволува овие деца да посетуваат настава, но на крај не може да им се издаде сведителство. Тие имаат извод од матична книга на родени, но тој содржи само име и презиме и датум на раѓање, но нема единствен матичен број.

-Најстариот син, Гардијан има 14 години и со неговиот брат Риамондо кој има 12 години времето го поминуваат во ловење на птици. Додека ми ги покажуваа нивните птици ги прашав што сакаат во животот. Тогаш Гардијан најверојатно иако никогаш не слушнал за борецот за човекови прави Мартин Лутер Кинг и неговиот легендарен говор „Јас имам сон“, ми рече „јас имам сон некогаш да имам дом во кој има вода“, вели Теофиловски.

Иако родителите немаат правен идентитет не треба да се дозволи децата да ги сносат последиците од неажурноста на системот.

Професорката Светлана Трбојевиќ, раководител на Институтот за социјална работа и политика при Филозофскиот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вели за да се надмине проблемот потребно е да се превземат повеќе акции. Еве кои препораки таа ги дава за за надминување на проблемот на  „неевидентирани лица“, „лица фантоми“ или „луѓе духови“.

-Барање правна помош и поддршка од невладини организации активни на полето на заштита на човековите права, како и организации кои ги застапуваат за правата на Ромската заедница;

-Назначување на бесплатен правен советник;

-Самоорганизирање на лицата носители на проблемот со цел изнаоѓање на институционално решение за надминување на истиот;

-Поднесување претставка до народниот правобранител за поведување на постапка за кршење на основните човекови права (право на државјанство, на дом, на образование, на здравствена и на социјална заштита);

-Зголемување на степенот на информираност за постојни системски решенија и активности за надмунување на проблемот;

-Идентификација на есенцијалните документи кои недостасуваат, а кои ќе овозможат внес во евиденцијата во матичната книга на родени;

-Поведување на постапка за утврдување на идентитетот на мајката, ако е потребно и преку ДНК анализа;

-Поставување на персонален социјален работник кој ќе му помогне на семејството да оствари одредени права и услуги од  јавни, приватни и невладнини организации, а со чија помош ќе се обезбедат основни егзистенцијални аспекти на заштита.

Текстот  и фотографиите се дел од проектот „Маргинални групи – од проблем до придобивка“ на невладината организација Контраста, а поддржан од Цивика Мобилитас. Мислењата кои овде се изразени не нужно ги одразуваат ставовите на Цивика Мобилитас или пак на спроведувачките организации.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.