Мултимедијалн концерт на Дарија Андовска и Ана Пандевска

Во петок (15 декември) во камерната сала на Македонската филхармонија во 20 часот, ќе се одржи Мултимедијален концерт на кој ќе бидат изведени дела од двете истакнати македонски композиторки Дарија Андовска и Ана Пандевска. Покрај звукот, концертот ќе биде збогатен и со видео проекција, како и со танцов перформанс, а повеќето од делата се создадени за акустични инструменти и лента.

Публиката ќе има можност да ги слушне делата на Дарија Андовска: „ThERanatOS – part 4 – Operating System“ за фиксен медиум и видео (видеото го изработи Мартин Иванов), „Zugzwang“ за виолина, пијано, удиралки и фиксен медиум, „Book of the Devil Valley Master“ за соло удиралки и фиксен медиум и „Apoptosis – a brief history of small deaths“ за фиксен медиум и танцов перформанс, на кој ќе учествуваат студенти од Катедрата за современ танц при ФМУ во кореографија на  Елена Антонова Петровиќ. Во изведбата на композициите на Андовска ќе учествуваат Влатко Нушев на удиралки, Владимир Костов на виолина и Марија Вршкова на пијано.

Ќе бидат изведени и три дела на Ана Пандевска: „Дуња и Дарин“ – пет пиеси за пијано и лента, „Landscape Atmosphere“ за пијано и лента и „Life in a Box“ – за пијано и лента, во чија изведба ќе учествува пијанистката Дуња Иванова.

 

Дарија Андовска (1979, Скопје) дипломира композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Гоце Коларовски, магистрира на ZHdK во Цирих, Швајцарија, во класата на Изабел Мундри (современа музика), Доменико Ферари и Андре Белмо (филмска и театарска музика и продукција), а моментално е на докторски студии во класата на Каја Черновин на Харвард Институтот, САД. Авторка е на камерна, соло, оркестарска, симфониска и хорска музика, како и на музика за филм, театар, танц и мултимедијални проекти. Добитничка е на стипендии и учесничка на мастеркласеви и работилници во Скопје, Санкт Петербург, Белград, Дрезден, Охрид, Берлин, Цирих, Солотурн, Штутгарт, Сараево, Фрајбург, Герлиц, Утрехт, Хилверсум. Нејзините дела се изведувани на фестивали и концерти во Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Белгија, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Австрија, Албанија, Русија, Мексико, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, Шпанија, САД, Кина, Грција, објавени на CD-а во Швајцарија, БиХ, Италија, Македонија, Србија и Црна Гора, Германија, а издадени во печатена форма од „Nuova Stradivarius“ – Италија, „Sordino“ – Швајцарија, Сојуз на композиторите на Македонија. Добитничка е на бројни интернационални и домашни награди за нејзините композиции, а филмовите, во кои освен како композитор се јавува и како ко-сценарист и ко-режисер, биле номинирани и наградени на фестивали како Сараевски филмски фестивал, Берлински филмски фестивал, Бриџ филмскиот фестивал. Андовска е избрана меѓу најдобрите шест млади и актуелни композитори во Европа за проектот „MusMA- Music Masters on Air“ 2013/14. Добитничка е на наградата „Виртуози“ 2013 за најдобар композитор во Македонија, номинирана е за наградата „Виртуози“ 2014 за најдобар композитор во Македонија, на наградата „Истакнат уметник на Град Цирих – Композитор“ за 2014/2015, добитничка е на наградата „Виртуози“ 2015 за најдобар композитор во Македонија. Претставничка е на Македонија за CEEC 16+1. Андовска работи како вонреден професор на ФМУ, како и на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Ана Пандевска (1985) е родена во Скопје. По завршувањето на средното образование во МБУЦ ,,Илија Николовски Луј“, добива стипендија за двомесечен престој во САД, во ,,Interlochen Arts Camp“ на отсекот по композиција. Студиите по композиција на Факултетот за музичка уметност ги започнува во класата на проф. Гоце Коларовски, а ги продолжува кај проф. Јана Андреевска во чија класа и дипломира во 2010 година. По завршувањето на студиите, како волонтер е ангажирана во Националната установа ,,Танец“, а подоцна работи и како наставник по пијано во ,,Credo school of music“. Долгогодишен член е на повеќе хорски состави: „Пиколо“, „Св.Злата Мегленска“, „Танец“. Пандевска пројавува интерес за вокалната музика, фолклорот и џезот што се чувствува како инспирација во дел од нејзините композиции. Во последните неколку години истражува во областа на електроакустичната музика. Како редовен член на СОКОМ, добитничка е на повеќе награди за класична композиција. Во 2015 година постави авторски целовечерен електроакустичен концерт. Нејзините композиции редовно се изведуваат на фестивалот ,,Денови на македонската музика“, a досега и на концерти во САД, Србија, Словенија, БиХ, Македонија. Автор е на солистички, камерни, хорски и симфониски дела.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк