Населување на Словените во Скопската област и почетоците на нивната христијанизација

Словенските племиња кои тргнале на југ од Карпатите во почетокот на V век не се населиле веднаш на Балканскиот Полуостров. Тие најпрво го населиле левото крајбрежје на Дунав на Панонската Низина и Влашкомолдавската рамнина. Оттука, тие го преминувале Дунав и оделе во грабачки походи на Балканскиот Полуостров и допирале дури до Тракија и Термопилскиот Теснец. Византија поради тоа морала да ја укрепува границата со нови крепости, но тие биле слабо обезбедени и не претставувале голема пречка за Словените.
Словенските напади и навлегувања на византиска територија особено зачестиле во втората половина на VI век, кога во Панонската Низина се населиле Аварите. Пред да се населат во Панонската Низина тие живееле на северниот брег од Црното Море. Аварите здружени со Словените повеќе пати ја ограбувале територијата на Византија, дури ги напаѓале Солун и Цариград. Од тие походи Аварите се враќале во Панонската Низина, а Словените останувале на Балканскиот Полуостров и трајно се населувале. Сведоштвата за ова има во неколку извори, меѓу кои најзначаен е хагиографскиот текст насловен како Чудата на Димитрија Солунски. Во текстот се говори токму за овие настани, датирани веројатно до годината 614-616 .

До крајот на VII век словенското населување на Балканскиот Полуостров веќе било завршено. Византискиот хроничар Јован Ефески од 581 год., во врска со овој настан, запишал: “Во третата година по смртта на царот Јустин II… еден проклет народ наречен Словени, се дигна и ја преплави цела Грција и областа на Солун, и цела Тракија, и зазеде многу градови… и тие загосподарија со цела земја и се населија во неа со сила и во неа престојуваа без страв како да е нивна.”
При населувањето на Балканскиот Полуостров Словените се движеле по старите римски патишта и трајно ги населувале само оние предели каде што имало поволни услови за живеење – плодните котлини и долините на поголемите реки. При навлегувањето во Македонија, Словените го користеле многу значајниот стар пат што водел по Моравско-Вардарската долина која потоа се разгранувала кон долините на реките Брегалница, Струма и Места на исток, а по Вардар продолжувала на југ. Интересно е дека скоро да нема материјални докази за навлегувањето и населувањето на Словените во Скопската област. Но, некои индиции укажуваат на тоа дека, сепак, масовното и бројното доаѓање на Словените секако не ја одминало и оваа област. Доказ за тоа се материјалните остатоци и монетните наоди на рановизантиските локалитети. Словенската колонизација во Македонија била проследена со уништување на македонските градови, христијанските цркви, тврдините, при што биле ограбувани и опустошувани и робовладетелските стопанства околу нив. На Балканскиот Полуотров Словените живееле во групи, здружени во племенски сојузи наречени Склавинии. Склавиниите ги претставувалеплеменските територии (државни формации) на одделните словенски племиња. Своите називи ги добиле по називите на племињата. Склавинијата на племето Берзити, се викала Берзитија, на племето Даговити – Драговитија итн. Во историографијата, склавиниите во Македонија се означени со општото име “македонски склавинии”.
Групата на Словени што се населиле во централниот, јужниот и југозападниот дел на Балканскиот Полуостров потпаднале под влијание на Византија. Византија упорно настојувала да ја зацврсти својата власт над овие Словени. Затоа византиските императори организирале воени походи против Склавиниите. Според проучувачите на овој период, Скопската област во составот на склавинијата Берзитија била вклучена последна и во подоцнежно време. На чело на склавинијата се наоѓал водач кој бил наречен архонт или ригес. Оваа склавинија најголем подем има во времето на архонтот Акамир. Имено, до крајот на 799 год., Берзитите се наметнале како најмоќно словенско племе на територијата на Централна, Северна и Западна Македонија од крајот на VII до целиот IX век, при што успешно лавирале помеѓу Византија и Бугарија.
При населувањето на Балканскиот Полуостров, Словените ја зазеле целата територија на Македонија од реката Места до албанските планини, од горниот тек на Вардар до реката Бистрица. Во потрага за плен и нови земји Македонските Словени ги напаѓале островите во Егејското Море, а се обидувале да го заземат и Солун. Солун бил еден од побогатите градови во Византија и спаѓал меѓу најголемите крепости. Во текот на VI и VII век Македонските Словени на неколку пати го напаѓале сами или во сојуз со Аварите. Поради тоа Византија презела еден голем поход против Склавиниите на Македонските Словени, при што Македонските Словени што живееле помеѓу Струма и Вардар биле принудени да ја признаат византиската власт.
Во втората половина на VII век Словените кои живееле во источниот дел на Балканскиот Полуостров почнале да биваат напаѓани од Бугарите. Бугарите биле сточари од турско-татарско потекло. Порано живееле во Јужна Русија – помеѓу реката Волга и Црно Море. Во втората половина на VII век ја преминале реката Дунав и се населиле на земјите помеѓу Дунав и Стара Планина. Тука тие им ја наметнувале својата власт на месните словенски племиња и успеале да создадат своја држава. Во државата Бугарите иако помалобројни успеале да го наметнат своето име но подоцна се претопиле во словенското мнозинство. Имено, од Словените го примиле јазикот и културата, но на Словените им ја наметнале својата воена организација и своето име – Бугари.
Позасилениот процес на христијанизација на Словените во Скопската област се јавил како резултат од обновената црковна организација на староседелското население во северна Македонија, вооблична во епископијата Дарданија. Што се однесува, пак до првите почетоци на христијанизација меѓу Словените во Скопската област на словенски јазик, истите, најверојатно, треба да се бараат во времето на мисијата на св.Кирил Филозоф по долината на Брегалница. На оваа претпоставка нé упатува близината и отвореноста на Скопската Котлина кон Брегалничката област. Сепак, позасилен бран на христијанизација на Словените во Скопската област се случил со паѓањето на областа под бугарска власт во првата деценија (852-864) на владеењето на бугарскиот кнез Борис (852-889), односно по склучувањето на мировниот договор со Византија и прифаќањето на христијанството како државна религија од страна на Бугарското Кнежество во 864 година.

Во текот на преселбите и по населувањето на Словените се создале поголеми заедници- племенски сојузи, на чие чело стоеле кнезови. Нив племенските собранија ги избирале како воени водачи, но тие постепено ја засилувале власта и ја направиле наследна. Од ваквите племенски сојузи подоцна се формирале првите држави кај Јужните Словени. И покрај тоа што неретко ја признавале врховната власт на Византија Македонските Словени живееле самостојно раководени од своите кнезови. Нивните односи со претставниците на византиската власт биле многу слаби. Таквата положба траела сè до IX век. Од IX век на самостојниот развиток на Македонските Словени му се заканила опасност од Бугарија. Византија ослабена од внатрешните востанија не можела да го запре навлегувањето на Бугарите во Македонија. Тие кон средината на IX век ја зазеле речиси цела Македонија без Солун и областите околу него. Бугарскиот кнез Борис (852-889) сакал да го зацврсти феудалниот систем, и да воведе неограничена власт. Теофилакт Охридски соопштува во “Житието на тивериополските маченици” дека кнезот Борис ги освоил Брегалничката власт и поголемиот дел од Струмичката. Во “Житието на св. Климент Охридски”, истиот автор известува дека Борис ги завладеал и Охридско-деволските области, заедно со делови од Албанија. За да ја постигне таа цел и да добие меѓународно признание на Бугарија, најсигурно средство и потпора можела да му биде христијанската црква, и затоа решил (во 864 год.) да ја прими христијанската религија. Во 865 год. Бугарите биле покрстени од Византија , а христијанството било проглаено за државна религија. Тогаш и Македонските Словени кои живееле во составот на бугарската држава морале да ја примат христијанската религија.
Освен тоа, Византија за да ги покори Словените и да ги претвори во свои послушни поданици се послужила со ширењето на христијанството. Затоа напоредно со воените походи организирала покрстување на оние Словени што потпаднале под византиска власт. Со покрстувањето на Словените, Византија настојувала да изврши вклучување на словенските племиња во рамките на т.н. Византиски комонвелт. Но, покрстувањето одело многу бавно, бидејќи за тоа биле потребни црковни книги напишани на народен словенски јазик, зашто Словените тогаш сè уште немале свое писмо, туку пишувале со рецки – црти. Затоа масовното покрстување на Словените започнало дури тогаш кога св. Кирил (827-869) со помош на брат му Методиј (810-885) ја создал словенската азбука наречена глаголица. Во мисионерската работа Кирил наидувал на големи тешкотии, зашто Словените не ја разбирале богослужбата на грчки јазик. Затоа Кирил дошол на мисла да создаде словенска азбука. Во врска со ова интересно е искажувањето на Черноризец Храбар во своето сочинение “О писменех” (X век). Тој вели: “Ако ги запрашаш словенските азбукарчиња: Кој ги создаде буквите и книгите? Сите знаат и ќе ви одговорат: Свети Константин Филозоф, наречен Кирил. Тој ни ги создаде буквите и ги преведе книгите, и брат му Методиј…!”
По смртта на светите браќа Кирил и Методиј нивните ученици биле приморани да ја напуштат Моравија. Од нив, Климент, Наум, Ангелариј се упатиле на територијата под власта на бугарската држава. Тука биле добро примени од бугарскиот кнез Борис. Тој сакал да ги искористи за ширење на христијанството во освоените делови на Македонија преку словенската писменост и богослужба. За таа цел Климент бил испратен 886 год. за учител во областа Кутмичевица чии центри биле Девол и Охрид. Тука Климент ја започнал својата културна и просветна дејност меѓу населението во Македонија.

Со ширењето на христијанството меѓу непокрстеното словенско население, Климент, всушност, успеал да го воведе во богослужба словенскиот јазик. За да обезбеди свештеници во црквите, Климент организирал училишта за деца и возрасни. За време на неговото триесетгодишно дејствување како учител и епископ во областа Велика, Климент изучил околу 3500 лица. Тие како учители и свештеници добиле служба насекаде во Македонија ширејќи го словенското писмо и богослужба на словенски јазик.
Со својата неуморна работа Климент се здобил со голема почит и љубов од народот. Поради своите заслуги бил поставен за епископ на Величката епископија во Македонија во 893 год., а неговото учителско место било доверено на неговиот соученик Наум. Климент бил првиот словенски епископ.

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.

Share Button