„Арс Ламина – публикации“ преку НВО ХЕСЕД донираше дидактички помагала за децата од домот „11 Октомври“

Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ донираше едукативни изданија и дидактички помагала на НВО Интернационална организација за деца и млади – ХЕСЕД за поддршка и унапредување на образовниот процес кај ранлива група граѓани – деца без родителска грижа, преку проектот „Ментор-Тутор/Имплементација на непосредна цел“, со цел обезбедување на мерлив и одржлив индивидуален образовен развој на децата без родители во ЈУ „11 Октомври“ од Скопје.

„Донираните изданија и материјали ќе бидат наменети за работа со децата во домот ’11 Октомври‘, со цел да ги подобрат образовните процеси и едукативниот сектор во домот“, истакна Соња Стамевска, в.д. директор на ЈУ Детски дом „11 Октомври“, Скопје. „Наставата ќе се реализира со помош на волонтерите на ХЕСЕД, преку примена на креативни методи и техники, употребувајќи ги донираните дидактички материјали“, додаде Стамевска.

НВО Интернационална организација за деца и млади – ХЕСЕД веќе има реализирано повеќе волонтерски активности во ЈУ „11 Октомври“ од Скопје, а во тек е активност поврзана со дијагностицирање на посебните образовни потреби и утврдување на фактичката состојба на знаења од редовните наставни предмети кај децата во оваа институција. Тимот на ХЕСЕД е составен од професионалци предадени на развојот на квалитетно неформално образование достапно за сите деца и млади, преку спроведување на креативно-одржливи проекти и активности.

„Во изминатиот период, наставниците и професорите од ХЕСЕД изведоа и повеќе истражувачки активности, како и анализа на достапните дидактички ресурси што можат да помогнат во поефикасна реализација на образовните процеси, при што увидовме дека материјалите што ги нуди ’Арс Ламина‘ се најсоодветни и на потребното квалитативно ниво. Затоа и им се обративме со барање да ја поддржат нашата работа, а тие веднаш ни излегоа во пресрет, за што сме многу благодарни“, изјави Марина Христова, претседател на ХЕСЕД.

„Арс Ламина“, како издавач, со години наназад работи успешно во областа на образованието, обезбедувајќи им и на учениците и на наставниците голем број едукативно-дидактички производи за полесно совладување на наставните содржини. „Како општествено одговорна компанија секогаш сме отворени и подготвени да помогнеме онаму каде што е потребно, а сето тоа е во насока на нашата мисија да го направиме образованието поиновативно и поефикасно, но и подостапно за секого“, изјави Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

Донацијата вклучува 760 производи, меѓу кои разни едукативни изданија по математика, природни науки, македонски јазик, општество, збирки задачи и активности, тематски читанки, детски класици и лектирни изданија, списанија за ученици, како и разни дидактички материјали, манипулативни и едукативни игри, во вкупна вредност од 70.000 денари.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.