Муабетиме со младиот талентиран поет и љубител на убавиот пишан збор – Андреј Јанков

Драги постоечки и потенцијални креативци запознајте го Андреј Јанков, момче со смел стил на живот, студент и пред се’ – љубител на убавиот пишан збор.
На наше обострано задоволство, разговаравме со Андреј за тоа што за него претставува уметничкото видување во неговиот живот.

Викторија: Ајде прво да започнеме со тоа кој е Андреј?

Андреј е еден скромен и културен дечко , студент на Филолошкиот факултет ‘’Гоце Делчев’’, на Катедрата за македонски јазик и книжевност во Штип.
Љубител на убавината во поезијата и ширител на емотивна творечка дејност, за која вели дека токму таа е причината поради која верува дека има барем малку добро во секое човечко битие.

Викторија: Кога започна да пишуваш ?

Андреј: Започнав да пишувам во доцните средношколски денови, откако го открив талентот дека поседувам дарба која заслужува да биде претставена на публиката и јавноста.
Тогаш почнав да учествувам и на разни манифестации, литературни читања и натпревари , кои ми донесоа многу искуства, поуки и надградувања, како на карактерен аспект, така и на творечката дејност.

Викторија: Доколку Андреј не се бавеше со пишување на поезија, која друга уметност би ја одбрал за да се изразиш?

Андреј: За мене поезијата е дел од мојата професија на која секојдневно и ‘ се посветувам и се’ уште е моја неостварена желба. Таа е мојата рутина. Моето секојдневие, моја навика. Мојата емоција секогаш ме поттикнува да го пренесам она што сум го доживеал, она што го чувствувам во себе, да го изнесам пред очите на читателите.

Викторија: Постои ли рецепт за добра поезија?

Андреј: Рецептот за добра поезија се наоѓа во срцето на секој кој оној занимава со убав пишан збор. Доволно е да си емотивец во душа, да знаеш да го пренесеш и интерпретираш она што си го напишал пред публиката. Сметам дека рецептот за добра поезија лежи и во нејзината вистина и љубов која таа ја поседува.

Викторија: Што мислиш за новите медиуми, дали тие помагаат за ширењето на убавиот пишан збор, или пак сметаш дека вистинското место на поезијата е во книгите?

Андреј: За социјалните мрежи не би можел да одговорам конкретно, но можам да кажам дека до некаде претставуваат олеснителна состојба, особено за нас, оние кои се занимаваме со пишување.
За вистинското место на поезијата, сепак мислам дека е во нејзината слобода. Уживам во моќта на зборовите и приказните кои ми ги нуди книгата.

Викторија: Од каде Андреј најчесто ја црпи инспирацијата?

Андреј: Од секојдневието, деновите, месеците, од сето она што изминува…Се обидувам да напишам нешто со моќ која ќе ги охрабри и инспирира другите.

Викторија: Дали Андреј е заљубен?

Андреј: Да…во самиот себе ( хаха). Љубовта е присутна во секој човек, кај некого повеќе, кај друг помалку. Кај мене, најмногу е застапена љубовта кон творењето, кон сопствениот живот. И се’ додека ја имам таа љубов, не се плашам дека ќе останам сам.

Викторија: Каде се гледаш во иднина?

Андреј: Во најблиска иднина се гледам како Професор по македонски јазик и книжевност, кој со љубов го работи она што го сака. А, дали тоа ќе се оствари ќе оставиме на времето и околностите, тие да одлучат.

Викторија: И за крај, што би им препорачал на читателите?

Андреј: ‘’Искористи го денешниот ден да простиш, да помогнеш и да насмееш нечие лице’’.
Ако денес не го сториш тоа, ‘’утре’’ можеби ќе се претвори во каење.

Share Button