Излезе „Во градината има само љубов“- нова стихозбирка од Филип Димкоски

Деновиве, од печат излезе третата поетска книга на поетот Филип Димкоски, насловена „Во градината има само љубов“. Книгата ја сочинуваат дваесет и една песна, невообичаено подредени и групирани во книгата.

Уредник на изданието е Александар Димкоски кој на почетокот има дадено опширен предговор насловен „Омеѓување“, а кон крајот на книгата поместени се текстови на рецензентите проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Гордана Попсимонова, проф. м-р Снежана Алексиќ-Станојловиќ (Србија) и проф. Ина Крејн (Бугарија). Автор на корицата е Кристијан Јованоски Кетерник, а лектор Кристина Велевска.

Филип, не само што е вљубеник во градината, во тој рај од скротена природа, Филип е и познавач на градината. Уште  повеќе тој е препознавач на љубовта во неа-пишува проф. Попсимонова во рецензијата.

Васил Тоциновски пак истакнува дека новата книга на Димкоски е уметнички и естетски исчекор на авторот.

Новата стихозбирка на Филип Димкоски е радост за читателите и за книжевната критика од две причини. Првата ги потврдува тематските кругови како автохтоност на авторот што не води и до второто поголемо и значајно задоволство од големиот исчекор и естетски резултат во новите стихови. А тие сами по себе претставуваат творечка легитимација за впишување во традицијата и континуитетот на современата македонска книжевност-се вели во рецензијата на Тоциновски.

Писателката и литературна критичарка Снежана Алексиќ Станојловиќ од Србија, во рецензијата забележува дека Димкоски остава личен препознатлив поетски белег, односно авторот расцветува на свој начин о својата духовна градина, а писателката и критичарка Ина Крејн од Бугарија книгата ја именува како „поетска Библија“.

Медиумската промоција на книгата веќе е во тек на македонските радија и телевизии каде авторот гостува, а за промотивните настани ќе има дополнителни најави.

Филип Димкоски е автор на книгите Најхранливи зборови од детска душа дарови“ –2010; „Божилак на исконот“ – 2014; „Дуга искона“ (издание на српски јазик) – 2016; „Дъга от древността“ (издание на бугарски јазик) – 2016; „Во градината има само љубов“ – 2018; „Заедно да растеме“ – 2018.

Поезијата на Димкоски е препеана на српски, бугарски, хрватски, грчки, ромски, словенечки, италијански, германски, англиски и руски јазик, а дел од прозното творештво му е преведено на хебрејски. Поезијата му е објавена во повеќе домашни и меѓународни списанија, зборници и антологии.

Учествувал на повеќе конкурси и фестивали и добитник е на неколку награди во Македонија и надвор од неа.

Се занимава и со новинарство и водителство, а  се јавува како организатор, промотор и модератор на литературни настани и манифестации

Share Button