Македонската порака по повод Светскиот ден на театарот, 27 март 2018

Во услови на исклучително загадена духовна средина кога тривијалноста на примитивен начин агресивно се промовира како културна вредност и кога преку разни риалити шоуа и технички помагала бесмисленото ѕиркање во туѓите уште побесмислени животи стана секојдневие, неопходно е како никогаш досега да си поставиме прашања.

Но дали е доволен нашиот досегашен театарски пристап во однос на девијациите во реалноста? Кои се театарските средства за борба против општествено-политичките баналности кои навидум изгледаат бенигно, а во суштина метастизараат во зло што ја уништува нашата култура? Што во суштина модерниот театар треба да третира? Што сѐ треба да се исправи? Отуѓеноста? Бесчувствителноста? Полуписменоста? Политичката состојба? Па да, можеби токму сега, таа го има најсилното влијание, па затоа политиката може да биде театар со своите бројни заткулисни игри. Но театарот не смее да се претвори во политика. Нашата игра е отворена.

Колкава е моќта на театарот, каде треба да цели и кој е неговиот краен домет? Како што се тврди дека патриотизмот е последното прибежиште на ништожниците, тогаш одговорно тврдам дека хиперболизирањето на значењето на театарот, односно неговото непотребно мистифицирање или патетизирање е последното прибежиште на неталентираните. Токму затоа сметам дека е нужно потребна негова демистификација.
Светскиот ден на театарот е одличен повод токму ние, театарските дејци, да ги симнеме маските ставени на нашите лица и да проговориме за вистината. Да се навратиме, да се потсетиме или да ги освестиме базичните мотиви кои нѐ натерале да се бавиме со оваа професија.

Да го замениме стремежот кон конформизам и благосостојба, кои во принцип значат креативна смрт за уметникот, со несебична борба за промена од моменталниот културен стриптиз во создавање здрава културна матрица.
Но ако преку театарот, критикувајќи го опкружувањето, создаваме паралелен свет кој е поубав и похуман и воедно ни служи како средство за сопствена психоанализа и истовремено за себеисцелување, тогаш е крајно себично ние како дејци да заборавиме што е театарска критика. Освен новинарски осврт, веќе подолго време кај нас нема вистинска, писмена, вешта и искрена театарска критика, критика без никаква позадина.

Што нѐ доведе до ова, кој тоа толку многу се плаши од критиката? Несигурните? Неталентираните? Само таа ќе нѐ натера да ја кренеме летвичката погоре, да изнудиме повеќе од себе. Критика која нема да ни дозволи да потклекнеме на барањата на публиката.
Затоа, токму денес, на Светскиот ден на театарот, неопходно е сите да се запрашаме, имаме ли потреба да манипулираме со светоста на оваа професија кога таа има моќ да ни ја даде најнепроценливата овоземна илузија, смислата на нашето постоење!

И така, еве сме и вечерва да уживаме во нашето богатство, а тоа е, повторно да бидеме некој друг. А вие, драга публико, повторно да ѕиркате во нечии туѓи животи. Со тоа што овде е оправдано, овде ѕиркањето во туѓите животи има некаква смисла.
Има претстави што траат по 5 часа, но има и пострашно, оние што траат 1, но нам ни се чини дека траат цела вечност. Затоа да го избришеме времето денеска. Да заборавиме на него, нека мракот пред претставата биде подолг и потоа силно нека блесне првиот рефлектор кој ја осветлува нашата сигурност и жар во репликите. Како што вели мојот професор: – Играј! Играааај ! Само играј!“
Драга публико и драги колеги, уживајте во играта. Честит 27 март, Светскиот ден на театарот.

Сашко Коцев – актер

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк