На „кафе-разговор“ со младиот автор Душко Трифуновски

Не се забележува моментот кога шолјата со кафе се празни кога има интересна тема за разговор. Овојпат зборуваме со младиот автор Душко Трифуновски, кој има зацртано цел во животот: Да им причинува задоволство на читателите со секој негов напишан збор.

Викторија: Како за почеток, кој е Душко Трифуновски? Дали отсекогаш во тој лик се криеше желбата за творење?

Душко: Најпрво, Душко е младо момче кое студира македонска книжевност-наставна насока на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ја одбрав книжевноста како насока затоа што сакам да пливам во морето од книги, да се заплеткувам во содржината, и покрај тоа што сум вистински непливач. Ја сакам и поезијата, неколкупати го наканив умот за создаде и поетско дело,  а тоа ми успеа. Видов дека не било тешко.

Викторија: Кога започна со пишување? Зборуваме за она професионално пишување.

Душко: Па, да кажм дека професинално започнав со пишување пред шест години, иако тогаш не размислував да создадам дело кое ќе биде забележано од друга личност освен мене. Се сеќавам дека првиот роман, „Слана“ го пишував без наслов затоа што имав намера да го завршам и да го чувам во фиока. Да биде тоа наша тајна, моја и на фиоката. Претходно, додека бев средношколец, пишував поезија и кратки раскази на разни литературни конкурси под иницијатива на мојата драга професорка по македонски јазик Соња Панева, која впрочем, таа ме повлече по трнливиот пат да чекорам. Тие дипломи, признанија и награди кои ги добивав ме нетераа да не застанам и да не се задоволам само со краток расказ од триесетина редови.

Викторија: Твојот нов роман ја виде белата виделина неодамна, пред триесетина дена. За што станува збор во него?

Душко: Токму така. Станува збор за романтична комедија, несвојствен жанр за дела од македонски автори. Насловот е „За два дена рече ДА“, доста привлечен наслов кој ветува интересна содржина, низа сплетки и ѓаволско-смислен заплет. Главниот лик, Софи наидува на сопствената замка во која се ваќа за цел живот, а тоа е, да е заљубена со човекот покрај сбе, што го бара 35 години. Карактеристиките  на Софи, реалните описи и познатите локации од околинава придонесуваат сè да изгледа доста реално, а притоа интересно, поткрепено со многу смеа и љубов. Љубовта е неизбежен елемент кај младите автори. (ха,ха)

Викторија: Од каде ја црпиш инспирацијата? Многу ли е потребно за едно дело да биде привлечно за сите генерации?

Душко: Сè зависи од расположението на авторот. Јас сфатив дека создавам поинтересни дела ако се спротивни на времето во кое живееме. Првиот роман, „Слана“ има трагичен крај од семејна приказна, но почувствував дека луѓето бегаат од мрачни теми затоа што и животот е таков, мрачен. Поради тоа, посакав самиот да си создадам атмосфера за работа и да ми е интересна темата дури ја пишувам, а ако на авторот му се допаѓа делото, тогаш сигурен е дека и публиката ќе ја засака. „За два дена рече ДА“ ја пишував со замисла дека луѓето ќе го одмораат умот по напорниот работен ден, читајќи ја скокотливата приказна за Софи која завршува среќно и весело. А дали ќе биде привлечно за сите генерации, тоа е знак-прашалник. Јас како автор очекувам дека ќе допре д сите читатели, но стилски романот може да се размине од очекувањата на читателите кои обожаваат трилер, криминалистички роман или семеен.

Викторија: Дали пишувањето го гледаш како хоби или полека-полека ја навлекуваш навиката за секојдневно пишување?

Душко: Веќе одамна влегов во машината која се нарекува хиперактивно работење и нема застанување. Ги скршив сопирачките и сега трчам за да постигнам нешто во животот и да ја остварам целта. (ха, ха) За неколку години ќе бидам професор по македонски јазик, ако даде Господ зашто ја сакам работата со деца. Впрочем и сè уште сум дете. Имам веќе ученици кои гледаат од мене и учат, ме зедоа за пример и многу ми е мило поради тоа, а јас во нив го гледам моето детство кое полека-полека изминува. Не мислам дека пишувањето е хоби зашто името веќе наголемо почнува да навлегува во очите на луѓето со секоја купена книга од мене. Секојдневно пишвам, дури и кога знам дека текстот што го пишувам во моментот, за десетина минути ќе се најде во корпата за отпадоци.

Викторија: За крај, каде може да се најде романот „За два дена рече ДА“?

Душко: Може да се најде во книжарниците Литература.мк и Култура во Скопје, книжарница Викели во Прилеп, Дирикон во Кавадарци, и да се купи електронски на страницата literaturа.mk. Благодарам на одвоеното време, и за крај, би сакал да им порачам на сите читатели, да читаат македонски автори, да ги читаат македонските приказни, затоа што само македонските автори знаат совршено да ја опишат секојдневната наша ситуација. Бакнежи до сите љубители на пишаниот збор.

Share Button