Интервју со младата и талентирана поетеса и писателка Ружица Стојановска

Ајде прво да започнеме со тоа која е Ружица?

*Ружица е едно младо амбициозно девојче кое се труди секогаш да чекори со кокет. Инаку ученичка во деветто одделение во основното училиште „Јосип Броз Тито“ во Валандово. Една од многуте обожаватели на убавиот пишан збор, личност која се труди да изгради свој решителен став во животот и на секоја работа да и пристапи со сериозност и одговорност.

 

-Кога започна да пишуваш?

 

*Пишувам уште од своја најрана возраст, со само свои осум години. Во моментот кога се судривме, јас и хартијата почнавме да развиваме една супер поврзаност, супер романтично-хармоничен однос којшто сеуште трае. Многу ми е важно што пред неа никогаш не сум се почувствувала како странец бидејќи како што созревам се почесто и почесто во себе ја чувствувам потребата, (во денешно време во замена на хартијата) да го отворам лаптотпот, да поминам со прстите по типките и да ги навезам своите чувства кои се борат за да излезат на виделина, додека јас сум исклучена од случувањата околу мене, сама во некој мој паралелен свет со ликовите кои јас ги создавам.

 

 

-Од каде инспирацијата за пишување?

 

  • Можеби поттикот за пишување се роди токму од многубројните признанија и награди кои ги добивам уште од најрана возраст и тоа учество на конкурси и државни натпревари во пишување каде што има голема конкуренција. Самите тие привремени подготовки и ангажмани посакав да станат постојани.
  • Првата стихозбирка „Детско изворче“  ја објавив на своја единаесет годишна возраст, на 11-ти Февруари, на мојот 11-ти роденден. Некако се единици се редеа во тој ден, и во стихозбирката е собрана поезија за моето семејство, природата, моите детски желби и фантазии. Овде инспирацијата ја црпев од секојденвието кое ме опкружува. Само година подоцна од печат излезе мојата втора книга „Срцето на дланка“ која е всушност збирка од поезија и проза. Не е ни случајно што е напишана за толку кратко време. Ја пишував по смртта на мојот сакан дедо благодарение на сите тие чувства кои ме потиснаа и ми направија потоп во душата. Таа книга му ја посветив нему со тажно срце затоа што не успеа да им се порадува на моите успеси, иако знаев дека секогаш седи во првите редови и се гордее со својата прва внука.
  • Она кое мене всушност ме опишува е мојата трета книга, или слободно можам да кажам моето дело кое направи еден неверојатен хаос „Облечена за љубов“ која го опиштува моето созревање, „кревкоста на едно младо, нежно, неискусно, наивно срце што паѓа за прв пат во замката на љубовта, со сета нејзината предигра, неизвесност, страст… застрашувачка и неодолива убавина истовремено, кога телесното и духовното стануваат едно“ како што умее најдобро да ме опише мене рецензентката на делото госпоѓа Тања Грошева Попов.

 

-Раскажи ни нешто подетално за „ОБЛЕЧЕНА ЗА ЉУБОВ“

 

*„Облечена за љубов“ како што и напоменав претходно е дело на кое што сеуште му се радувам. Ја пишував две лета, така еден подолг временски приод за мене и важно е да напоменам дека на почетокот бев скептик во врска со оваа книга. Сигурно ќе се запрашате и зошто. Затоа што не знаев како луѓето ќе ги доживеат моите зборови кои одекнуваат за љубовта, не затоа што се плашам од неа туку од тоа како ќе биде прифатено едно четиринаесет годишно девојче кое за прв пат паѓа во канџите на љубовта да пишува за низа други настани кои сеуште ги нема доживеано. Почнав со пишување но само за себе, без да објавувам за да читаат другите. Среќна сум што во животот го имам семејството и две жени на кои сум им бескрајно, вечно благодарна зашто во тој момент повторно застанаа до мене и ги кренаа моите квалитети на врвот. Мислам дека дури е вистинско време да ги споменам едната од нив е моја „ЖЕНА-ЗМЕЈ“ која секогаш ме потсетува дека морам да бидам борец во животот, а другата ми е „ДЕФИНИЦИЈА ЗА ЉУБОВ“ која пак ми докажа дека моите зборови допираат до многу срца и се толку силни за на истите лица да се создадат солзи кои ќе го заматуваат окото. Да не ја заборавиме и мајка ми која секогаш стои до мене како и целото семејство кое секогаш е во првите редови гордо на мојата појава. Благодарение на нив денес сум препознатлива по „ОБЛЕЧЕНА ЗА ЉУБО“-во границие на нежноста и видливоста.

 

 

 

-Дали Ружица е заљубена?

 

Да. Во животот и во своите соништа J Љубовта секогаш ќе биде главната тема на обработка во моите идни книги. Сакам исто да го искористам моментот да ви откријам што подготвувам во моментот бидејќи во ова мое ново дело ќе има многу љубов. Се стремам за издавање на мојот прв роман кој ќе биде пишуван според вистинска животна љубовна приказна. Можам да откријам дека станува збор за жена која може да го обликува светот со рацете и само една топла преграка. Жена со две срца. Онаа која се раѓа и умира за љубов, онаа која се храни и дише од љубов. Ќе има многу настани и ликови, ќе биде едно ново светло за мене а воедно и едно ново незаборавно искуство и метафорично можам да кажам прекрасно патување на кое постојано ќе сакам да се враќам.

Ех, за љубовта има многу што да кажам, а дали сум заљубена нека остане тајна.

 

Каде се гледаш во иднина?

 

Во иднина се гледам како силна дама, силно човечко битие кое работи во областа на фармакологијата, но сепак ќе оставиме на времето.

 

И за крај што би им препорачала на читателите?

 

Би им препорачала да му бидат креатор на животот бидејќи самите сме творци на сопственото совршенство. Да се живее и да се љуби е одлична мотивација. Обидувајте се секогаш!

Share Button