ЈУБИЛЕЈОТ: 70 ГОДИНИ КОНТИНУИРАНА РАБОТА НА ДКЦ “КАРПОШ“ ОДБЕЛЕЖАН СО СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА

На 06.06.2018 година (среда) во Македонскиот Народен Театар, со почеток од 20:00 часот, преку Свечена Академија беше одбележан јубилејот: 70 години континуирана работа на Детскиот Културен Центар “Карпош“.  На настанот, присутните гости можеа да го проследат краткиот документарен филм за Центарот именуван како “Наш Дом… Отсекогаш“ и да уживаат во богатата програма сочинета од различни точки изведени од сегашни и поранешни членови на ДКЦ “Карпош“. Како дел од оваа свеченост, на поранешните членови – Ѕвезди на Детскиот Културен Центар, меѓу кои Симон Трпчевски, Сузана Спасовска, Зоран Џорлев, Дејан Лилиќ и многу други, им беа доделени почесни плакети, а свое обраќање кон присутните имаше Директорот на ДКЦ “Карпош“, г-ѓа Ружа Ѓорѓеска.

 

“Децата се нашето богатство и иднина. Токму затоа нашата Институција е посветена на осмислување и организација на активности преку кои децата може да ги остваруваат сопствените соништа. Само така, со песна, музика, слика, творба, оро и сè што претставува лична креација секое дете има можност за развој на личниот талент, за дружење, солидарност, ширење на пријателство и слободно мислење. Фокусирани на сите полиња кои го сочинуваат мозаикот на културата, раководството и сите стручни соработници вложуваме напори секциите во рамки на ДКС “Карпош“ да ја продолжат традицијата која непрекинато се гради и одржува, веќе 70 години.“, изјави Ружа Ѓорѓеска, Директор на ДКЦ “Карпош“.

На Свечената Академија свое обраќање имаше и Градоначалникот на Град Скопје, г-дин Петре Шилегов, а на настанот присуствуваа и многу пријатели и поддржувачи на Центарот, познати македонски јавни личности, како и сегашни и поранешни членови на ДКЦ “Карпош“.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк