Tom Trago доаѓа во Скопје

Веста дека на 15 јуни во Скопје доаѓа познатиот холандски диџеј Том Траго ги израдува неговите многубројни македонски фанови. На PopUp Music журката во Epicentar, ќе ја имаме уникатната можност да уживаме во неговиот оригинален звук и буквално „да се оставиме“ на подиумиот до рано наутро.
Врската на Том Траго со музиката отсекогаш била силна. „Не можам да си го замислам животот без музика“, вели тој. Музиката му е потребна на моето тело исто како што му е потребна храна, вода и светлина.“
Том Траго е светски познат диџеј, продуцент, изведувач и сопственик на дискографска куќа со три одлични албуми зад себе.
Во тешките почетнички времиња, добил охрабрување од повеќе значајни имиња од холандската сцена, а негови неофицијални ментори биле Mike Kivits (AKA Aardvarck) и Steven De Peven (Awanto3). И тогаш, како и денеска, Том ги истурал срцето и душата во музиката. Во периодот кога локалната дискографска куќа Rush Hour го издава неговиот деби-сингл “Live With The BBQ” во 2006, тој веќе имал развиено свој оригинален стил што претставувал мешавина од три децении денс музика – диско, буги, синт фанк, Детроит техно и неодолив хаус ритам спакувани во вистински „запалив материјал“ за подиумите низ клубовите.
Во оваа мешавина од звуци треба да се спомне и неговата соработка со музичари, вокалисти и продуценти од Амстердам и пошироко (Romanthony, San Proper, Awanto 3, Cinnaman, Tyree Cooper , Om’mas Keith, Steffi, Seth Troxler, Young Marco), што и’ додава дополнителен шарм на неговата музика.
Не е за изненадување фактот дека некои од неговите траки, како што се “Use Me Again”, “Hidden Heart Of Gold” и “Brutal Romance” звучат како идни класици.
Освен тоа што го обиколува светот, тој ја развива и својата дискографска куќа Voyage Direct, основана во 2010, која претставува своевидно збиралиште за холандската електронска музика и проширено семејство за неговите музички истомисленици.
Ако случајно го сретнете во аголот на некој темен и вжештен клуб, веројатно ќе ви зборува за своите идеи за нови проекти – од оние за филмски саундтрак, аудио-визуелни перформанси и клупски траки- или пак возбудено ќе ви раскажува за сè уште непознати продуценти што ги открил во Амстердам и Ротердам.
Појавата на Том Траго во музиката е сеопфатна, но неговото музичко патување е далеку од завршено. Всушност, тоа само што започна..

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк