Преспанските ,,бисери”

На југозападниот дел од нашата земја се наоѓа Преспанското Езеро. Тоа е едно од трите природни езера во денешна Република Македонија. Некогаш, до 1913 година сите три езера: Дојранското, Преспанското и Охридското, ја доживеале несреќата да бидат распарчени со граници и денес на нашата држава и припаѓаат поголеми делови од нив, а другите на соседните Грција и Албанија. Преспанското, пак, е поделено на три дела. Некогаш езерото било едно, но со време со намалувањето на водите, се создале две: Големото и Малото. Така, на нашата земја и припаѓа најголем дел од големото, на Грција дел од големото и Малото, а на Албанија мал дел од Големото и уште помал, едно ,,рокче” од малото. Добар опис на целата околина на преспанското езеро на крајот на 19-от век, ни дава патеписецот Васел К’нчев. Тој, освен што собрал податоци за животот на населението, многу сликовите ги опишал околностите и природните реткости крај езерото и пошироко. Сместено помеѓу планините Баба (Пелистер) на исток, и Галичица на запад. Околу има и другу малечки планини. Како што се: Нерчинска, Сува Гора и други кој се дел од спомнатите.

Сите тие го затвораат езерскиот простор и така прават и климата дае подруга, по мека. Од сите планини дотечуваат мали рекички и една поголема наречена Голема Река, кој го полнат езерото, но и преку понорница го ,, Хранат’’ Охридското езеро. Целиот тој регион – езерата и околината носат заедничко име Преспа. Народот, пак, според свое ,,Наоѓање” регионот го поделил на два дела: Горна Преспа и Долна Преспа. Горна Преспа го преставува Ресенското поле, а Долна Преспа е самото езеро со околината. Акваторијата на езерото изнесува 290км2, длабочина до 50 метри. Долгo е 25 км и широко 16 км. Езерото е на надморска височина од 853 метри. Според К’нчев, Преспанското езеро било богато со разновидна риба. На прво место патеписецот ја става Јагулата (змијорката), потоа Крапот, па Мрента и на крај Пастрмката. Околу езерото ,,врие” од мали и големи села. Животот бил динамичен. Уште повеќе што Преспа ја ,,Сечеле” бројни патишта: Старата Вија Егнатија, патот за Корча, а преку ,,Маркова нога’’ за Лерин и Костур, исто и за Охрид и Битола. (Денес, не е така). Тие патишта ги поврзувале и селата. Преспа била богата. Освен природните вредни убавини, во селата биле изградени многу цркви, црквички и манастири.

Тие се одликуваат со разновидна оригинална архитектонска форма – едно корабни, три корабни (базилики), крстообразни и други форми. Неможно е во ваков текст да се набројат сите затоа ќе ги наведеме само оние чија вредност е очигледна. Тие се одликуваат со врескоживопис, кој иако ја следи Цариградската школа, носат и нешто свое – ,, домашно ‘’. Крај брегот на езерото има и доста пештерски цркви со богат живопис. За жал времето и човекот многу од тие вредни убавини уништиле. Пештерните цркви се наоѓаат на западниот брег на езерото, зашто тој терен е карпест и со многу пукнатини – пештерите. Малото езеро било некогаш голем залив. Но намалувањето на нивото на водата придонело тој залив да стане посебно езеро. Но, во време кога нивото кога се покачувало, Езерото пак станувало едно. Затоа жителите од блиските села изградиле мост по кој жителите од настанатиот полуостров минувале на ,, Суша”. И двете езера, природата ги надарила со по две островчиња. Во Големото езеро се Голем град, на наша територија и Мал Град (на Албанска територија). Во малото езеро се Островот Св. Ахил и најмалото од сите ,, Видринец’’. Тие се на Грчка територија. Островот св. Ахил е познат по тоа што тука е првата престолнина на Цар Самоил. Тој изградил, освен палати и трикорабна Црква – базилика св Ахил. Денес само има бедни остатоци од неа. Островот го добил своето име по светецот Ахил, чиј мошти цар Самоил ги пренел тука, од Грчкиот град Лариса. Вршени се археолошки ископини и најдени се доста археолошки артефакти од времето на Самоил. Спроти островот, во пазувите на јужните ограноци на планината баба се наоѓа селото герман. Тука живеел патријархот Герман, во Самоилово време и тука е погребан во старата црква. Со изградување на новата гробот му останал под неа. Во старата црква е пронајдена надгробна плоча со Старо Словенски – Кирилски натпис кој кажува дека тука се погребани родителите на Цар Самоил.

Тој натпис се смета за еден од најстарите Кирилски натписи, во тоа е неговата вредност. Селото Герман е на Грчка територија. На север преку границата на наша територија е селото Сливница, а недалеку од него познатиот Сливнички манастир со црквата Свети Богородица од 17-ти век. Карактеристично е што во олтарот е насликан Купен синот на ктитор на црквата кој умрел млад. Овој портрет носи две карактеристики: Неговото место, невообичаено во олтарот испаѓа како портрет, реткост во Македонското фреско сликарство. Кулминација на богатството на Македонското фреско сликарство претставуваат фреските во Манастирот – Црквата св Ѓорги во близина на Селото Курбиново. И тој црковен објект е лоциран во пазувите на Баба планина. Црквата е изградена во делечниот 12-ти век, врсник на црквата манастир Св Пантелејмон во скопското село Горно Нерези, исто од 12-ти век. Датата на изградбата на манастирот е запишана на ѕидот на олтарот. Со своите карактеристични изрази зографите – мајстори се израмниле по квалитет со тие на Царигратската зогравска школа и така ,, Избиле‘’ во првите редови на тогашното Византиско фреско сликарство.

Но тие внеле и свои оригинални елементи. Тоа се гледа во издожелноста на фигурите на светците, преставени со изразита силна мускулатура, на психо изразот на нивните лица и се тоа преку ,, топли колоритни тонови’’. Тоа потсетува на фигурите, ( мускулатурата ) на Микеланџело и на Ел Греко (издолженоста на фигурите). Освен овие елементи мајсторите од Курбиново, си дозволиле ,, Луксуз ‘’ , па во малите фрески внеле и друг интересен елемент – разиграност на барокно изразените инпресивни конпозоции. Се ова дава еден заклучок дека мајсторите од Курбиново векови пред Ренесансата во Европа, на овие ,, Пусти простори ‘’ го најавиле времето на ренесансата, иако во подруга нотка. Нема да го избегнам градчето Ресен зашто и тоа има свои ,,Бисери’’. Имено, Ресен е родното место на големиот револуционер доктор Христо Татарчев – основач , со уште неколку свои другари, на организацијата ВМРО, и исто така на младиот Турски офицер револуционер Нијази бег, кој е почетник на младо турската револуција која ја изменила Отоманската империја во правец на европските вредности. Од него во Ресен денес стои зградата која во минијатура, е копија на зградата на Париската комуна во Парис каде Нијази бег учел воена академија.

Заштитени авторски права © Ристо Ќортошев. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност. Фотограф: Игор Мундишов

Share Button