„Послушен брод што плови“ на Ирена Јорданова

Драги пријатели/читатели,
во годината во која славиме 15 години постоење, и во која претежно издаваме домашни автори, со големо задоволство го најавуваме излегувањето на новиот, трет роман на Ирена Јорданова, насловен „Послушен брод што плови“. По осумгодишна пауза талентираната писателка не’ води на ново книжевно патување со нејзиниот препознатлив, жесток стил, нагласувајќи во поднасловот на книгата: „Tоа е единствената константа во животот: променливоста. Во јаснотијата е леснотијата, многу години ми требаа да го разберам ова“.По дебитантската книга „Помеѓу“, која во 2008-та влезе во финалето за наградата „Роман на годината“, и „Катализатор 33“ од 2010 година (преведен е на англиски јазик, кој во 2012 година беше еден од најсимнуваните романи на Амазон), Јорданова, која дипломираше на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на катедрата по општа и компаративна книжевност, ни подарува нов роман, нова приказна која одлично се надоврзува на сето она што таа претходно го објави, и кое од критичарите и од публиката беше одлично оценето и прифатено. Илустрацијата на корицата е дело на Бојан Кртолица, а дизајнот го финализираше Марија Смилевска.

„Во својот нов роман Јорданова врви по еден длабок, неистражен пат каде што на автентичен начин ја спојува уметноста и човечноста. Романот изобилува со една нова димензија на битисувањето. Од една страна ја следиме формата, човечкото движење, човечкото тело, човечката егзистенција, се’ она што всушност можеме сетилно да го искусиме во рамки на формата додека сме живи и постоиме.
Од друга страна, Јорданова не води со свесноста, со нешто што е поголемо од формата, од градивото на сетилното, што останува зад нас, па дури и по смртноста наформата“, вели Славица Гаџова Свидерска во рецензијата за книгата.

По повод излегувањето на романот, во следните два дена (петок и сабота) во нашата и Ваша книжарница „Или-Или“ книгата ќе се продава по промотивна цена, а промоцијата на „Послушен брод што плови“ ќе се случи кон крајот на летото, за што благовремено ќе Ве известиме.

ИЛИ-ИЛИ,
Ваше право на добра КНИГА!

Facebook event

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк