Преспанскиот ,, Завет’’, Чуда и Преданија

Преспа, со своите две езера, со разгранетите брегови, што создале мали полуострови, заливи, острови, со природните убавини и човечкото творештво побудило кај нејзините жители желба за фантазија, мечтаења, што потоа ги претворале во преданија и митови. Во нив има помалку вистина.

Таквите преданија се однесуваат како на езерта, така и на околните месности, планините, рекичките, полињата, пештерите итн. Најпрвин, самото име на овој регион е чудно. Па сите природни езера во Македонија носат име на населено место: Охрид, Дојран, Острово, Лагадин. Само овде не е така! На Преспанските езера, нема градска населба тоа е голем хендикеп за регионот – воопшто! Нема, така да се каже Патрон, кој ќе се грижи за целокупниот развој на овој извонредно убав и богат крај на нашата земја. И поради тој недостаток, многубројните села до езерата и повнатре, се препуштени самите на себе. Нема кој да ги обединува во заеднички акции.

Чудо е како опстојувале низ вековите, создавале, твореле, граделе свој бит! И, освен во Самоилово време, постојано по некој повод биле вознемирувани – тероризирани се заради одземање на богатството и уште полошо за промена на идентитетот (современо кажано). Така далеку во минатото во овој крај дошол охридскиот владика Мелетиј, во времето на црковните борби и започнал да ја обиколува Преспа. Со него повел еден дулгерин и еден зограф со цел да ги уништуваат словенските натписи во црквите. Тие ги премачкувале со црна боја и на нивно место испишувале грчки. Но, сепак некаде останало нешто. Така, во црквата Св. Марина, на западниот брег на Големото езеро оставиле само ,, … ската Морена‘’. Во црквата Св. Ахил на островот Ахил, на северниот ѕид, на сводот имало словенски натпис од тули, но ,, дедо Мелетија ‘’ се покажал насилник, со чекан се уништил за ,, атер’’ оставил 2-3 Словенски букви од кој нај читлива е нај чистата, ,,Ж’’. Жално ама и чудно; како имал трпение да уништува словенски натписи во стотици цркви и други сакрални објекти? Па тоа барало време! Но, бил упорен – крвнички.

Среде Големото езеро се наоѓа едно од најромантичните места на езерото, вели патеписецот Васил К’нчев. Тоа е малото скоро округо островче Голем Град потонато во зеленило. Од секаде, брегот му е вертикално скалест само од две места има пристап до горе на платото. Се забележува и калдрма. На секој чекор остатоци од дамнешното величие на островчето и тоа среде раскошна бујна вегетација и овошни дрвја. Тука цар Самоил починал, по долгите борби со Византиците. Тука тој изградил цркви и палати и ги собирал својте војводи на совет. Некој Самоил го нарекуваат најумен од сите владетели, а К’нчев – ,, … Тој имал најдобро појмање за убавото’’. Целиот остров е осеан со урнатини од седум цркви и други изданија. Ете и тука на една црква со четри ѕидови што уште стрчат, се гледаат остатоци од стари натписи замачкани со црна боја и напишани нови, на грчки. К’нчев на островот затекнал ,, на секој чекор се среќаваат плодоносни питоми дрвја – бадем,смокви, јаболка, лози. Никаде во околината нема бадеми и смокви! А лозите даваат според селаните такво убаво грозје што такво нема во нивите места’’. На островот Град  минатото живее како стварност и предание! Наспорти островот, на запад е полуостровот Коњско.

Пред очите стои прекрасната природа со својата полна величенственост. Се е во зеленило. Коњско просто се забива во езерото. Крајот му личи на јазик! На јужниот крај лежи селцето Коњско. Во него (19-ти век), живеела само една фамилија, таа на Иван Секула, и броела 42 члена. Во подножјето на ‘ртот имало мала полјанка, која како виножито завива во езерото. Е тука е селото – Коњско! Над него имало неколку ниви, лозје а зад нив почнувала убава густа гора. Иван Секула имал три сина, кој биле ,,Началници’’ на фамилија, која нормално се состоела од нивните синови, внуци и правнуци. Ѓорги бил најстариот имал 70 години. Тој ја предал ,,управата’’ на куќата на најмалиот брат Тасе, кој бил над 60 години,  но изгедал како на 40 години. Тој во истовреме бил кмет и ,, Татко’’ на селото, судија и началник на куќата. Секое уто ги распоредувал 22-та членови на работа,  другите 20 биле малолетни. Работноспособните цел ден биле надвор од селото, на ниви, ливади и други места. Децата си играле на песочниот брег, ,,Надзор’’ на кучињата. Навечер, освен овчарите, целото семејство – село се собирало на вечера. Почесното место било за старците. Мимите слугувале, а децата се собирале на куп, околу две дрвени паници. Јаделе, се лутеле и се тепале со лажиците.

Ќе споменеме две мали преданија од овој ,,Рај на земјата ’’. Имено на Југ од Ресен, кон езерото е селото Царев Двор. Селаните од тоа село раскажувале дека недалеку, има голема стара црква и до неа две прекрасани ливади; едната се нарекува Цар а другата Весзир. Преданието вели деки и едните другите живееле на островот Голем град, а кога си оделе дома, тука се одморале. Другото предание зборува дека во селото Шурленци (на пат за Отешево), имало тврдина на селото и таму живеел царот три години опсаден од Турците. Јуначки се борел, но кога Турците надвладеале, тој со својата ,,Лиса” побегнал преку езерото и  застанал на спротивниот полуостров каде изградил црква од која има остатоци. Во чест на неговата кобила тоа место се вика ,,Лиса”. И еве , ,,стасавме’’ на местото ,,Завр’’. Тоа е на западниот век и доминира над околината. Се гледа од сите страни и претставува посебна убавина, што окото никогаш не би се уморило од гледање. Обиколено е со четри страни со селца, во вид на верига. Планинските сртови зелени од густите лески му придаваат магична убавина. Во близина има три селца, наредени на брегот – Туманец, Глобочица, а во средината е Долна Горица. Тука се образува, во сушата мала длабнатина. Тука езерската вода се врти и затоа добило име ,, Завер’’. Народот вели дека водата се губи под Галичица и истекува во Охридското Езеро, преку така наречени ,, изворите  на реката Дрим’’ кај манастирот Св. Наум. Треба да нагласам (свое мислење) дека изворите на Дрим не се дел од Охридското Езеро, туку ,, Крај’’ на Преспанското Езеро.

Тој во ,,Рајски дел’’ е опишан од спомнатиот патеписец вака: На југоисточниот дел на таа падина неколку големи извори, еден до друг исфрлаат големо количество бистра, како солза вода. На еден од тие извори се изградени манастирските воденици, а на други валавниците. Водата од изворите се собира во мало езерце. Внатре во езерцето имало мало островче со ливади и шума потоа од езерцето водата преку широк канал се влева во Охридското Езеро. Природата така мудро си постапила што понорниот проток на водата од Преспанското Езеро (Завер), пропушта вода во во Охридското Езеро и прави ниту Преспанското Езеро да биде ,,гладно’’ за вода, ниту Охридското Езеро да се ,,прејаде” … Велат дека ,, крајот делото го краси‘’. Затоа натписот ќе го завршам со преданието за Завер. Пред многу години Преспанското Езеро било плодородно поле. Една убава река течела низ него и кај селото Глобочани, реката се губела под планината. Едно овчарче главено кај еден поп ги пасело овците околу тоа место каде се губела водата. Овчарчето било родум од село кај изворите на Дрим. Еден ден како што си играло, му паднала шупелката во водата и се изгубила. На другиот ден мајка му пред олукот на воденицата до самиот извор на Дрим, ја нашла шупелката. Таа знаела дека е шупелката на нејзиниот син па кога се сретнала му ја дала. Истовремено тој и кажал што му се случило. На разделба, овчарчето и порачал на мајка си, кога ќе се врати дома да внимава убаво околу олукот на воденицата, да не се случи нешто слично. Кога се вратило кај овците овчарчето наумило да проба со овца, дали ќе се случи исто како и со шупелката. Затоа заклало една овца, ја одрал и ја пуштел во витолот на водата, кој веднаш ја проголтал овцата. На другиот ден овцата се нашла на олукот на воденицата.  Овчарчето уште неколку пати го направил тоа, ама занесен од ,,успехот’’ почнало секој ден да пушта по една овца и така за малку ќе ,,отишло скоро целото стадо”. Попот почнал да се сомнева и затоа го прашал овчарчето што се случува со овците, а тоа одговорило дека волците го сотруваат стадото. Попот почнал да го следи овчарчето и видел кај се губат овците. Разгневен, попот го заклал овчарчето и го пуштил во вителот, за да отиде кај мајка му таа, пак се гледала и знаела но не му кажувала на попот. Казната била сурова – жестока. И тука се замешува господ тој се налутил и заради попот ја казнил целата околина. Така широкиот отвор низ кој слободно минувала водата под планината го стеснил и водата започнала да навира и ја поплавила целата околина. Но, Господ се сожалил и оставил да истекува одредено количество вода кон Охридското Езеро. Ова предание, селаните еден вид со еден ,,куриозитет’’ да не остане господ ,,сам’’  во ,, дејанието’’ ги вклучиле и Ѓаволите. Ѓаволите спротивно од Господ го затвориле отворот. Затоа тие откриле една голема карпа, која се наоѓала над село Отешево и со неа ја затнале дупката. Водата тогаш ја поплавила околината. Наскоро Ѓаволите забележале дека сепак протекувала малку вода. Незадоволни отишле по друга карпа зашто сакале да се поплави цела Преспа, сите села. Ама ете ти го Св. Ѓорги. Тој се преправил преку ноќта во петел. Силно закукурикал и Ѓаволите се разбегале.

Така е ,,спасена’’ рајски убавата, наша, Преспа…

Заштитени авторски права © Ристо Ќортошев. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност. Фотограф: Игор Мундишов

Share Button