Промоции на збирката раскази „Динга стоп“ од Владимир Плавевски во Ново маало и во книжарницата „Литература.мк“

Збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде претставена денеска и утре со два промотивни настана, во Ново маало и во книжарницата „Литература.мк“.

Денеска (среда) со почеток во 19 часот книгата ќе биде промовирана во центарот на автентичната скопска населба Ново маало – која е во фокусот на авторот Плавевски. Тој ќе оствари средба со своите новомаалци, со кои ќе се потсетат на животот и на луѓето од старо Скопје и некогашно Ново маало.

Утре (26 јули) во 19 часот, ќе се одржи промотивен настан за „Динга стоп“ и во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“. Промотор ќе биде Мојсо Мојсовски, новинар и долгогодишен уредник на Дневникот во Македонското радио, a извадоци од расказите ќе чита актерката Снежана Конеска-Руси. Со овој настан во книжарницата ќе биде одбележана 55-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес.

Во оваа збирка ќе ги прочитате носталгичните и емотивни сеќавања за едно одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент.

За жал, или за среќа, ќе рече авторот, Ново маало сè уште постои и е речиси исто и непроменето како и пред 60 – 70 години – времето кога расказите содржани во оваа книга биле реалност. Ново маало своевремено било центар на светот за новомаалците, микрокосмос од кој почнува и завршува сè. Таму се зборувал локален, маалски јазик и имал свое наречје, различно од тоа на соседните маала, поради што неретко луѓето не се разбирале меѓусебно. Маалската гордост ја чувале маалските банди, секогаш закрвени со тие отспротива. И покрај скудниот начин на живот, маалските улици ечеле од детскиот џагор и нивните необични игри.

– Овие носталгични сеќавања би ги опишувал до бескрај… Морам да кажам дека расказите во кои ќе се втурнете се вистинити. Овие раскази се пишувани во подолг временски период, некои како почеток на моето белетристичко пишување. Повеќето од нив добија награди на анонимните конкурси за краток расказ. Денес би ги пишувал во сосема друг стил, но ги оставив така како што сум ги напишал пред повеќе години, согорен од желбата да ја истресам од мене лепливата носталгија по одлетаното детство – вели Плавевски.

Владимир Плавевски е роден во 1948 година во Скопје. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1974 година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година. Во своето долгогодишно и богато творештво, автор е на многубројни сценарија за ТВ-серии, филмови, радиодрами, драмски текстови, раскази и романи. Во 2013 година, ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Јадица“. Ново маало често се јавува како место на одвивање на приказните во неговите романи и раскази како: „Цена од Ново маало“, „Јадица“,„Комита“ и други.

Книгата „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ премиерно беше претставена во рамките на 30. издание на Саемот на книга, на штандот на книжарницата „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк