Орлите – чувари на селото Собри

Драг читателу, пред извесно време, те запознав со некои вредности на регионот Преспа кој се наоѓа на крајниот југозапад на нашата земја. Во овој напис, ќе се потрудам да дадам ,, куса’’ слика на селото Собри, на крајниот југоисток од нашата Република, малку по на север од убавото Дојранско езеро. Селото Собри е на неколку километри источно од Валандово расположено во долината на Анска Река, згушено во зеленило, особено столетни јавори, а и многу ореви. Некогаш биле две села – Горно и Долно Собри, но сега е останато само Долно Собри. Како куриозитет, иако е ,,Долно “ , од него наутро при чисто небо се гледа великолепниот шарски врв – Љуботен. За животот и настаните, од дамнина, напишал книга, неговиот некогашен жител сега ,, Скопјанец’’ Др. Мирко Ѓоргиевски, под наслов – ,, Моето родно село Собри”. Селото лежи на две рекички – ,, Селска Река’’ и ,, Сокак“. Првата секогаш има вода, а втората, само кога врне па служи и како сокаче и двете се влеваат во Анска река. Чудно е, како Др. Мирко успеал да ги опише, во детали дваесетте семејства – куќи во селото, луѓето по име и презиме, нивниот заеднички живот и други интересни, специфични случувања. Во текстов, ќе опишам само начинот како доктор Мирко го добил своето крстено име, а потоа можеби ,,шлаг’’ на написот – за орлите чувари на селото.

За себе, тој вели дека се родил во Август 1930-та година кога во селото имало 10 џандари и толку контрачетници. Џандарите ги ,,водел’’ некој наредник по име Мирослав. Мирковиот кум, бил голем пријател со наредникот Мирослав. Со него често пиеле во кафеаната, но и по куќите во блиското село Фурка. ,, И таа сабота вечер,раскажува доктор Мирко, овие двајцата се опијаниле до бесвест. Се направиле ,, земја – пијани’’! Утрото кумот отишол во Валандово во црквата да ме крсти. Кога попот рекол: ,, Куме – име?’’ Кумот замижал и промрморел (уште не отрезнет): ,, Ах, Мирослав, Мирослав! Што ми… ‘’ А попот, кој свртен со грб кон кумот, запишал Мирослав, татко Ѓорге исто и дедото на таткото па рамно Ѓорџевиќ! Кумот, потоа се сетил на вистинското име но било доцна… кога стигнала бабата Ефа во Собри со бебето, качено на магаре ја прашале ,, Како се вика бебето?” Бабата Ефа рекла – ,, Нешто како нашето куче Мурџо! Ама не е Мурџо’. Кумот тури едно ,,езге’’ (чудно) име, ама не го запаметив … ‘’

Доктор Митко, во книгата освен за селаните, дава и сликовит опис на околината. За нивите, лозјата, бавчите, за столетните јавори, бројните чешми низ кои бликало бистра, студена планинска вода (денес од тоа нема речиси ништо) и други интересни, дури и неверојатни настани. Еден таков е за орловото семејство над Јанкова чешма кај ,, Скокот’’ – водопадот. Тој раскажува: ,, Од овие чешми денес нема ни трага, ама јас ги затекнав, ги видов, пиев вода од нив. Одамна се растурени … над овие чешми беше ,, Скокот’’ некогаш, но и него го нема. Го нема од 1949 година, кога во селото се градеше задружна штала за добитокот. Е во тоа време селаните го ископаа ,,Скокот’’ ги корнеа камењата ги уриваа карпите. Вадеа камен за шталата. Додека го имаше ,, Скокот’’ реката постојано имаше вода. Убава, бистра! Ноќе, во летните тишини, се слушаше шум од водопадот и тивка бучава на Селска Река. Погоре, над Скокот , кај Јанкова чешма, се издигаа два огромни јавора, високи до синото небо. Беа како близнаци! Еден до друг, а меѓу нив течеше мало бистро поточе. На едниот јавор, од источната страна, високо – горе, меѓу гранките имаше огромно орловско гнездо. Големо колку една одаја, направено од суви гранки, треви, слама, кал, партали. Се’ што нашле орлите вградувале! Тајната на овие два гигантски јавори беше точно огромното орловско гнездо. А тие, и двата огромни темно кафеави. Тука живееа преку 100 години, а може и 200 и повеќе. Пилеа само едно пиле орле. Еднаш го прашав дедо ми Глигор: ,, Од кога се тука? А тој ми вели: ,, Отсекогаш” и татко ми и дедо ми ги затекнал. Со векови се тука! Тие го чуваат селото!… Орлите имаат една навика, традиција или ,, задача’’ да речеме. Еден летен ден од кај Демир Капија се зададе темен облак, кој бргу се приближуваше кон Валандовско поле. Постојано светкаше и грмеше. Страшно татнеше.

Со дедо ми бевме во поле. Работевме. Дедо ми постојано погледнуваше кон облакот. Кога се наближи над нас, одеднаш, пред облакот се појавија орлите и започнаа вкрстен кружен лет. Со лупинзи горе долу летаа пред облакот. ,, Готово – рече дедо ми, пак нема да врне дожд’’… Орлите, постојано се спуштаа се вишеа вртеа еден спроти друг и се повисоко се искачуваа. Во еден момент се изгубија во облакот. Неверојатно! Облакот – запре! Се извиши. Веќе не ,, лазеше’’ по земјата. И почна да бледее. Не беше повеќе црн и страшен! Престана да грми и да светка. Тоа сум го видел неколку пати. Еднаш таков облак се зададе и одкај Беласица. И, пак, орлите го запреа и го растурија! ,, Си го бранат пилето” рече дедо ми – сигурно облакот носел град затоа го запреа. Така, во Собри, не се памети да паѓа град! Арно ама, се си има свој крај. Така и овие орли над Јанковата чешма, го доживеаја својот трагичен крај! Беше летото 1949 година кога на ,,Бигорот’’ направија фазанерија. ,, Бигорот’’ имаше доста вода, густа шума – рај за фазаните! Еден ден даскалот во Собри – Мито, бил кај фазанеријата и здогледал еден од орлите како кружи над фазанеријата, високо горе во небото. Се ,,загрижил’’ човекот, орелот да не ги изеде фазaните! Па тој, шумарот Андон и Блажо – директорот на ,,шумското’’ и други ,, загрижени’’ отишле кај Јанковата чешма, под јаворите односно под орловото гнездо, со цел ,, да ја отстранат опасноста’’ да не бидат фазаните изедени. Затоа шумарот Андон се дал во акција – почнал да се качува по гнездото, ама се изморил и не стигнал до таму. Тогаш даскалот Мито, да се покаже, ја грабнал пушката на Андона и испукал еден куршум кон гнездото. Орелот кој лежел врз јајцето не се ни помрднал. Мито уште повеќе се налутил, па , ,,мавнал’’ уште четри куршуми, од гнездото почнало да паѓа ѓубре, прачки, земја, а орелот се кренал, замавнал со крилјата, спиштел силно, како да сетил силна болка и одлетал. Очигледно ,,тајфата ‘’ не знаела или не ги интересирало вредноста и убавината на овој чифт орли, воедно и украс – вековен на селото Собри, што другите села го немале. Уште повеќе што орлите го чуваа селото и околината од паѓање град. Собри останало без неговите небески чувари!

Тоа злосторство го сториле членовите на ловџиското здружение на чело со неговиот претседател. Луѓе кои според сите правила се должни да ги чуваат природните реткости! А овде станува збор и за несекојдневен феномен (според пишувањето на Др Ѓоргиевски) … Но, не само што орлите одлетале, туку по нивното заминување и двата јавора – близнаци, меѓу кои течело бистро поточе почнале да венеат. Една по една гранките почнале да паѓаат, гнездото на орлите се распаднало. Чудно, но орлите како да не сакале да се оддалечат од своето ,, родно’’ место, па затоа си направле гнездо не далеку, исто така на висок ама осамен јавор, кај Килејска река. Но, тоа не е тоа! По некоја година орлите се отселиле, незнајно каде. А осамениот јавор? И тој почнал да се суши!…
Се надевам, драг читателу, дека не ќе останеш рамнодушен кон оваа невообичаена сторија. Дека малку и ќе сочувствуваш …

Заштитени авторски права © Ристо Ќортошев. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност. 

Фотографиите се превземени од страната Mapio.com

 

Share Button