The Mole Pack – нов блуз подем на македонската музичка сцена

„Дружете се, сакајте се, и слушајте добра музика“, велат The Mole Pack

Нов бран на музички креации е во подем од новосоздадениот авторски бенд “The Mole Pack”. Бендот штотуку го сними својот прв албум “Gambling Man” кој е инспириран од прогресивната блуз-рок сцена од доцните 1960-ти и раните 1970-ти години. Албумот се состои од девет песни во кои покрај блуз и рок има доза на фанк, соул, па дури и малку кантри влијание. “Нè собра Димитар, кој е веќе долго време блуз фанатик, и го напиша целиот материјал за албумот. Пред сè, сите ние сме блиски пријатели, па музичката конекција и разбирање дојдoa природно.” – вели Александар Ѓорѓиески, главниот вокал на бендот.

‘Рбетот на бендот се состои од: Димитар Даневски (ритам и соло гитара), Александар Ѓорѓиески (вокал и усна хармоника), Теодор Бошков (бас гитара) и Глигор “Гишо” Динев (тапани). Пријатели и музичари кои имаат значајна улога и го комплетираат чопорот се: Дарко Стојоски (ритам и соло гитара), Златко Андријевски (ритам и соло гитара), Бранко Сапламаев (клавијатура), Влатко Сапламаев (клавијатура) и други блиски пријатели.

Имено, името на бендот има пошироко значење и цел. Кртот (mole) е животно кое e речиси слепо. Недостигот на вид го компензира потпирајќи се на неговите чувства, инстинкти, и интуиција. Преку аналогија, членовите на бендот мислат дека луѓето би требалo повеќе да им веруваат на нивните чувства, односно слушање на своето “внатрешно јас”, со цел да го збогатат сопствениот дух и да се задoволат сопствените интереси и желби без страв од неуспех. Следењето на интуицијата и инстинктите би можеле да помогнат во излегување од секојдневната рутина на модерниот живот.

Без разлика дали се работи за интерес за музика, филм, било која форма на уметност, било која форма на наука или филозофија, или било каков интерес во животот – бендот повикува да “копаме” по она што навистина го сакаме. „Дружете се, сакајте се, и слушајте добра музика. Се надеваме дека ние ќе ви помогнеме во тоа.” – велат “кртовите.”
Бендот неодамна ја објави својот прв сингл и во истиот може да се ужива на следниов линк:

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк